Рубрика: Астрономија и астронаутика
Валентина Терешкова, првата жена-космонаут денес полни 85 години
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.03.2022 - 11:45

Валентина Терешкова пред летот

До 1962 година, Советската вселенска програма веќе оствари неколку подвизи пред истото да го сторат Американците – во октомври 1957 година тие го лансираа првиот вештачки сателит Спутник 1 во ниска орбита околу Земјата, а во април 1961 година Јуриј Гагарин стана првиот човек (и маж) што бил во вселената. Сега Советите сакаа да бидат први коишто успешно ќе лансираат жена во вселената.

Успешниот женски кандидат требаше да биде помлада од 30 години, да е пониска од 170 cm, да не тежи повеќе од 70 кг и, по можност да биде падобранка или пилот. Од стотици пријавени, во потесниот избор за жени-космонаути влегоа Татјана Кузњецова, Ирина Соловиова, Валентина Пономариова, Жана Јоркина и Валентина Терешкова. Секоја од овие жени ја заврши исцрпувачката обука којашто вклучуваше тестови за изолација, бестежински летови, скокови со падобран, возења на центрифуга и пилотска обука. Откако завршија обуките и тестовите, на крај од сите пет за првиот лет во вселената беше избрана Валентина Терешкова.

Во капсулата Восток 6

Валентина Владимировна Терешкова е родена во 1937 година. Освен што е првата жена која ќе полета во вселената, таа е и најмладата жена (26 години) која досега била во вселената и, засега единствената жена со соло лет во вселената. Пред да ја изберат во вселенската програма на поранешниот Советски Сојуз, работела во текстилна фабрика, а била избрана поради своите падобрански вештини, нешто што навистина и било потребно при приземјувањето по успешниот лет неколку години подоцна. Тренирала во специјалната програма за жени космонаути и само таа од четирите таму ги исполнила условите за една вселенска мисија. По завршувањето на нејзината обука станала дел од воздухопловните сили на СССР како дел од Космонаутскиот корпус и добила офицерски чин .

Првиот човек и првата жена во вселената

Како единствен пилот во леталото “Восток 6“ таа е лансирана во вселената на 16 јуни 1963 година од космодромот Бајконур. Терешкова направила 48 обиколки на Земјата за период од речиси 3 дена или поточно 70,8 часа, пред успешно да се врати на Земјата, на 19 јуни. Нејзината мисија беше типична за мисиите на космонаутите од тој период – водење дневник, фотографирање и “глумење” заморче. Имено при летот на сите космонаути се отчитувале и забележувале биометриски податоци за да се утврдат ефектите од летот на вселената човечкото тело. Биометриските податоците земени од Терешкова беа споредени со податоците од машкиот космонаут, Валери Ф. Бијковски кој беше лансиран два дена претходно со леталото Восток 5. Набрзо после оваа успешна мисија таа излегла од Вселенската програма, а подоцна била наградена и со титулата Херој на Советскиот Сојуз.

По распуштањето на првата група женски космонаути во 1969 година, Терешкова останала во вселенската програма како инструкторка за космонаутите. Таа подоцна дипломирала на Воздухопловната инженерска академија Жуковски, се стекнала со звање инженер и одново ги поминала квалификациите за лет во вселената, но никогаш повеќе не полетала кон неа. Се пензионира од воздухопловните сили во 1997 година со чин генерал-мајор. Некаде потоа започнува и нејзината политичка кариера во постсоветска Русија, и по неколку локални избори и именувања, во 2011 година таа влегува како член на Руската Дума, позиција на која е реизбрана повторно во 2016 и којашто ја врши и денес.

На следната жена-космонаут светот ќе чека цели 19 години, дури во 1982 година Светлана Савитскаја ќе полета во орбитата и да стане втора жена во вселената.

По повод јубилејниот роденден на Терешкова Рускиот центар при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје организираше фејсбук настан, предавање, во којшто беа презентирани достигнувањата на оваа жена-херој.

Целото видео можете да го погледнете на линкот:

https://www.facebook.com/ruskicentarmk/videos/1072372476944461/

Клучни зборови:
Валентина Терешкова пред летот

Валентина Терешкова пред летот

Во капсулата Восток 6

Во капсулата Восток 6

Првиот човек и првата жена во вселената

Првиот човек и првата жена во вселената

Валентина Терешкова, фотографирана во 2011 година

Валентина Терешкова, фотографирана во 2011 година

Валентина Терешкова и Анџела Дејвис на Младискиот фестивал во источен Берлин 1973 година

Валентина Терешкова и Анџела Дејвис на Младискиот фестивал во источен Берлин 1973 година

Терешкова денес

Терешкова денес