Стартап од Нов Зеланд се подготвува да постигне безжичен пренос на електрична енергија на поголемо растојание. Дали сме на чекор од тоа безжичниот пренос на електрична енергија на големи растојанија да стане реалност? Токму во тоа се убедени менаџерите на Емрод, новозеландски старт-ап кој веќе успешно спроведел повеќе тестови на ова поле.
Сè на сè принципот зад оваа футуристичка технологија е мошне едноставен и беше теоретизиран уште кон крајот на 19 век од страна на Никола Тесла, кој умре без да го оствари овој негов сон.
За електричната енергија да се пренесе без кабел од една до друга точка, таа мора да се претвори во електромагнетни бранови, кои потоа повторно би се претвориле во електрична енергија на одредишната станица. Накратко, станува збор за создавање помоќна (ама навистина помоќна) и подобро контролирана верзија на радиосигналите што вообичаено се користат за други апликации, од мобилни телефони до ТВ. Системот развиен од Емрод се состои од 4 различни уреди: напојување, две антени и серија релеи кои спречуваат дисперзирање на сигналот и губење на енергијата за време на патувањето.
Предавателот (антена) го претвора сигналот во компактен зрак од микробранови, додека релеите поставени вдолж патеката постојано го рефокусираат така што тој се пренесува линеарно во посакуваната насока. Во станицата за прием, специјални спроводливи материјали поставени наизменично со изолациони плочи, ги претвораат микробрановите назад во енергија.
Според Емрод, системот веќе покажува ефикасност од 70%. Успешно е тестиран во затворен простор на растојание од 200 метри, а сега компанијата сака да спроведе експерименти на отворено со пренос на енергија на растојание од 2 до 30 километри. Конечната цел на тестот, закажан за следните неколку недели, доколку дозволат пандемиските услови, е струјата да се пренесе од копнена станица до приватен остров лоциран некои 30 километри од брегот на Нов Зеланд.
Но, дали овој систем за пренос е безбеден? Вообичаеното искуство со микробрановите е дека тие загреваат, помислете само на микробрановата рерна. Ова наведува на тоа дека ваквиот систем за пренос на енергија во основа би бил опасен за сè што ќе се најде на неговиот пат – луѓе, животни, предмети, сè би можело во момент да заврши печено и подзагорено. Имајќи го ова предвид, истражувачите на Емрод го опкружиле енергетскиот зрак со ласерски зрак со мала моќност. Ако нешто и некој ја прекине оваа ласерска ‘обвивка’, системот веднаш ќе се исклучи и автоматски во одредишната станица ќе се активираат батериите со што би се избегнал прекин во напојувањето со енергија.
Системот развиен од Емрод е неповолен од економска гледна точка заради малата ефиксност (70%), но затоа трошоците за негова изведба и пренос се околу половина од оние на конвенционален кабелски далновод, што отвора простор за особено интересни апликации особено онаму каде не можат да се постават далноводи. Mitsubishi Heavy Industries, на пример, работи на слична технологија за достава на енергија произведена со соларни панели во вселената до Земјата.
И Пентагон, исто така, инвестира на ова поле. Неодамна тие користеле специјален дрон за поставување на фотонапонски панел надвор од атмосферата и благодарение на безжичен систем испратиле енергија произведена од него до површината на Земјата. Добиената и пренесената енергија засега е мала, само колку да се наполни лаптоп. Но, за 10 до 15 години, соларните вселенски паркови би можеле да помогнат во решавање на енергетската криза со која планетата почнува да се соочува.