Како одговор на европските санкции по руската инвазија на Украина, Руската вселенска агенција Роскосмос соопшти во саботата дека отповикува десетици инженери и техничари од европскиот космодром Куру во Француска Гвајана, и дека ги прекинува операциите со ракетите Сојуз кои се одвиваа таму. Со ова ефективно е суспендирано лансирањето на два сателити од цивилниот сателитски систем за навигација и позиционирање Галилео.
Одлуката, која беше официјализирана од Дмитриј Рогозин, генералниот директор на руската вселенска агенција, исто така, ја доведува во прашање и долгорочната иднина за изведување на лансирања на Сојуз од Вселенскиот центар во Гвајана, лоцирана на североисточниот брег на Јужна Америка. Руските тимови ја подготвуваа ракета Сојуз заедно со горната етапа Фрегат за лансирањето што требаше да се случи на 5 април– двата европски сателити и руската ракета-носач веќе беа доставени до Вселенскиот центар, но подготовките за лансирање не можат да продолжат без стручноста на руските техничари.
⚡ «В ответ на санкции Евросоюза в отношении наших предприятий Роскосмос приостанавливает сотрудничество с европейскими партнерами по организации космических запусков с космодрома Куру и отзывает свой персонал, включая сводный стартовый расчёт, из Французской Гвианы», — @Rogozin. pic.twitter.com/KLm2UQsIEz
— РОСКОСМОС (@roscosmos) February 26, 2022
Прекинот на соработката со Роскосмос за космодромот Куру следи по заканата за прекин на соработката во рамки на програмата за соработка на Меѓународната вселенска станица, што се случи на 24 февруари минатата година. Доколку овој прекин се спроведе, тој може да има катастрофални последици за МВС, бидејќи рускиот сегмент од вселенската станица е одговорен за возење, навигација и контрола на целиот комплекс. Покрај ова руските товарни вселенски бродови од типот Прогрес обезбедуваат континуиран периодичен потисок со кој ја регулираат орбитата на целата структура, осигурувајќи ја нејзината позиција и избегнувајќи таа да не потоне прениско во атмосферата на Земјата. Ако Русија ја повлече својата поддршка, МВС би можела да се урне за неколку месеци, и тоа токму во време кога е направен детален план како да се деактивира Вселенската станица во периодот од 2028 до 2030 година.
Освен прекинот на соработката со космодромот во Француска Гвајана, главниот човек на Роскосмос Дмитриј Рогозин одлучи да ги исклучи САД од понатамошните планирања на заедничката мисија за истражување на Венера Venera-D.
Покрај ова Русија и Европа оваа година подготуваа и почеток на планирањето за заедничка роботска мисија на Марс, но и овие планови сега се одложени за понатаму.