Ретка егзопланета која орбитира околу две ѕвезди одеднаш беше забележана од истражувачите со помош на земски телескоп. Се работи за прва од ваков вид демонстрација дека вакви ретки планети може да се пронајдат и со користење на поевтини методи од површината Земјата.
Планетата Кеплер 16b е оддалечена 245 светлосни години од Земјата и, слично како и домот на Лук Скајвокер, планетата Татуин, како и на планетата од која потекнува Доктор Ху (Галифри), на планетата има две зајдисонца дневно, што се должи на нејзината ротација околу нејзините матични ѕвезди-близначки. Сепак, планетата за првпат беше откриена пред 10 години од сателитот Кеплер на НАСА.
Илустрација на 193 см телескоп во Опсерваторијата на Горна Прованса кој беше користен за ова истражување. Илустрацијате е дело на Аманда Смит. Интересно е што со токму овој телескопот беше откриена и првата егзопланета, 51 Pegasi b, којашто им ја донесе на астрономите Нобеловата награда за физика во 2019 година. На небото е претставен околниот планетски систем Кеплер-16, заедно со приказ од видното поле на леталото Кеплер на НАСА
Кеплер 16b орбитира околу две ѕвезди, а тие две ѕвезди орбитираат една околу друга. Ваквите ѕвездените парови, познати и како бинарни системи, сами по себе не се ретки – проценките варираат, но како што предвидува CSIRO мошне веројатно е дека 85% од сите ѕвезди се дел од бинарен систем. Но, планети што орбитираат околу обете ѕвезди-близначки се ретка појава. Всушност, пред да биде откриена Кеплер-16b знаевме само за десет вакви планети.
Научниците и не се сигурни како би можеле да постојат планети што кружат околу обете ѕвезди. Вообичаено, планетите се формираат од протопланетарниот диск – масата од прашина и гас што ја опкружува младата ѕвезда. Но, овој процес можеби не е возможен во еден бинарен систем. Имено, влијанието од двете ѕвезди се меша во протопланетарниот диск, а тоа ја спречува прашината да се агломерира при процесот на акреција, односно да се “окрупни” формирајќи во планети. Имајќи го ова предвид, мошне тешко е да се разбере како може да постојат планети околу нив.
Тимот ја набљудуваше планетата користејќи го телескопот со седиште во Опсерваторијата во Горна Прованса, во Франција. Тие ја детектираа планетата користејќи го методот на радијална брзина, набљудувајќи ја промената на брзината на ѕвездата додека планетата орбитира околу неа. Како што веќе споменавме, истражувачите велат дека оваа демонстрација е важна, бидејќи покажува дека можеме да откриеме егзопланети користејќи поевтини и поефикасни методи. Тие велат дека методот на радијална брзина е почувствителен доколку во ситемот постојат дополнителни планети, а исто така со него може да се измери и масата на планетата.
Трудот во кој се претставени резултатите беше објавен месецов во Monthly Notices of the Royal Astronomical Society.
Илустрација на 193 см телескоп во Опсерваторијата на Горна Прованса кој беше користен за ова истражување. Илустрацијате е дело на Аманда Смит. Интересно е што со токму овој телескопот беше откриена и првата егзопланета, 51 Pegasi b, којашто им ја донесе на астрономите Нобеловата награда за физика во 2019 година. На небото е претставен околниот планетски систем Кеплер-16, заедно со приказ од видното поле на леталото Кеплер на НАСА