Фосилот од птеросаурус е пронајден на островот Скај во Шкотска. Стар е 170 милиони години и е опишан како досега најдобро зачуван скелет од овој вид праисториски крилест рептил
Националниот музеј на Шкотска соопшти дека фосилот од птеросаурус, попопуларно наречен и птеродактил, е најголемиот од овој вид од периодот Јура што некогаш бил откриен. Како што соопштуваат од музејот, рептилот имал распон на крилјата од над 2,5 метри, приближно колку современиот албатрос.
Фосилот бил откриен од докторантката Амелија Пени во 2017 година, за време на работна екскурзија на островот Скај, во забитот на северозападна Шкотска, кога таа ја забележала вилицата на птеросаурусот како излегува од карпите на плимната платформа кај месноста Rubha nam Brathairean. Таа веднаш ги повикала колегите и тие да ја прегледаат скаменетата “шара” по што таа била идентификувана како глава од птеросаурус. По ова следела макотрпна процедура за вадење на фосилот од карпите, во трка со времето и морето кое можело не само да ги уништи напорите на археолозите туку и да го оштети сега изложениот фосил.
Птеросаурусите биле првите 'рбетници кои се стекнале со способност да летаат, некаде 50 милиони години пред птиците. Тие живееле во текот на ерата на мезозоикот, таканаречената ера на влекачи, уште во периодот на Тријас, пред околу 230 милиони години. Како што укажува Стив Брусат, професор по палеонтологија на Универзитетот во Единбург кој ја предводел споменатата работна екскурзија, фосилот имал „лесни“ коски „тенки како листови хартија“ и биле потребни неколку дена за тој да се исече од карпата. Птеросаурусот, кој го добил галското име Dearc sgiathanach, укажува на тоа дека птеросаурусите станале поголеми многу порано отколку што тоа се сметаше, многу пред да настапи периодот на Креда, кога тие се натпреварувале со птиците, и тоа е мошне значајно откритие.
Како што појаснува Наталија Јагиелска докторантката на Универзитетот во Единбург, авторка на новиот научен труд кој го опишува откритието, остатоците/фосили од птеросауруси сочувани со таков квалитет се исклучително ретки и вообично биле пронаоѓани само во карпести формации со специфичен состав, во Бразил и Кина.
Стив Брусат смета дека откритието е едно од најголемите во Британија по периодот од раните 1800-ти, кога прославената Мери Енинг, ловец на фосили, откри многу значајни фосили од периодот Јура на јужниот англиски брег.
Фосилот ќе стане дел од колекцијата на Националниот музеј на Шкотска.