Стаорци биле забележани како се насладуваат со нектар од планински лен – цветно растение од Нов Зеланд. Продолжувајќи да се движат понатаму со нивните шепи, сега обложени со полен, стаорците можеби имаат удел во репродукцијата на цвеќињата.
Во Нов Зеланд, стаорците (Rattus rattus) веќе подолго време претставуваат сериозна закана за опстанокот на неколку видови автохтони птици. Токму поради ова група научници се впуштиле во истражување на врската помеѓу стаорците и птиците, обидувајќи се да забележат дали тие се во конкуренција за храна и како се движеле низ територијата.
Неколкудневното набљудување дало мошне интересни резултати – стаорците не само што биле уживале во нектарот од цветовите на локалниот планински лен (Phormium colensoi), туку валкајќи ги нивните шепи со полен тие веројатно помагале и во опрашување на различни цветови. Резултатите од ова истражување беа објавени во New Zealand Journal of Ecology.
Во период од девет дена, истражувачите ја снимале мочуришната област полна со примероци од планински лен, набљудувајќи кои животни се приближуваат за да го цицаат нектарот. Во текот на шест ноќи камерите фатиле на дело стаорци. Засега не е јасно дали се работи за истото животинче или за повеќе различни стаорци, бидејќи во кадарот секогаш бил само еден примерок на стаорец што се насладувал од нектарот на различни растенија. Токму поради тоа пред да се изведе дефинитивен заклучок дека стаорците помагаат во опрашувањето, истражувачите ќе морат да се уверат дали можеби се работи за чуден вкус на само еден стаорец кој ужива во цветниот нектар или за “слатка навика” што ја споделуваат сите негови роднини од видот. Доколку се покаже дека сите стаорци уживаат во нектарот од цветот на планинскиот лен, тоа би значело дека автохтоните птици мора да се натпреваруваат за истите ресурси на храна.
Од друга страна овие глодари, сепак, би можеле да се покажат како вредни опрашувачи. Имено, како што објаснуваат авторите на трудот, локалните птиците кои се хранат со нектар од ленените цветови се лесно препознатливи по жолто-портокаловата трага од полен што останува на нивните пердуви, а оваа трага односно поленот е забележана како , останува и на крзното од глодарите. Тие сметаат дека стаорците веројатно ненамерно помагаат во опрашување на цветовите пренесувајќи го на поленот од еден цвет на друг. Во време кога многу инсекти опрашувачи се изложени на ризик од истребување, постоењето на една ваква алтернатива за опрашување би можело да биде добра вест.