Астрономите се мошне возбудени поради новозабележаниот небесен прстен сместен во центарот на една блиска галаксија. Огромниот прстенест облак од прав во себе крие супермасивна црна дупка, откритие што ја потврдува теоријата стара 30 години за активните галактички јадра, едни од најсветлите и најзагадочните објекти во универзумот. Откривањето на тајните на овие загадочни објекти може да ни помогне да разбереме повеќе за нашиот Млечен Пат...
Меѓународниот тим од истражувачи, во нивната објава во Nature во врска со ова откритие, вели дека набљудувањата на густиот, темен облак од прав околу црната дупка обезбедуваат потврда за теоријата позната како Унифициран модел на активни галактички јадра.
Активните галактички јадра се екстремно енергетски региони напојувани од супермасивни црни дупки сместени во центарот на некои галаксии. Овие црни дупки се хранат со големи количини космичка прашина и гас. Додека овој материјал спирално се движи кон неизбежната “пропаст” во челуста на црната дупка, тој ослободува толку многу енергија што честопати неговиот блесок го надминува сјајот на сите ѕвезди во галаксијата.
Овие блескаво светли објекти за првпат се забележани во 1950-тите, задржувајќи го вниманието на астрономите од тогаш до ден денешен. Интересно е што секое од активните галактички јадра се однесува различно – некои ослободуваат изблици од радиобранови додека други не го прават тоа; некои светат силно во подрачјето на видливата светлина, додека други се повеќе придушени. Токму поради ова астрономите првично ги класифицираа активните галактички јадра во две различни категории – објекти од тип 1 и тип 2 (прозаично, знам :) ). Но, според Унифицираниот модел развиен пред 30 години се смета дека и покрај забележаните разлики, сите активни галактички јадра имаат иста основна структура – супермасивна црна дупка опкружена со дебел прстен од прашина. Теоријата вели дека сите забележани разлики се должат едноставно на аголот под којшто ја гледаме црната дупка и нејзиниот прстен од Земјата.
Лево е блескав поглед на активната галаксија Месие 77 снимена со телескопот VLT на EСО. На десната страна е зголемен детаљ од внатрешниот регион на оваа галаксија – нејзиното активно галактичко јадро, виден со инструментот MATISSE на VLTI.
Астрономите и претходно наидоа на докази што одат во прилог на Унифицираниот модел, тука вклучувајќи го и детектирањето на топла прашина во центарот на блиската галаксија Месие 77, позната и како NGC 1068. Сепак, останаа сомнежите дали оваа прашина може во целост да го сокрие постоењето на една црна дупка и со тоа да објасни зошто ова активно галактичко јадро е помалку сјајно во подрачјето на видливата светлина од другите. Сега, благодарение на извонредно деталните нови набљудувања на центарот на Месие 77, теоријата конечно е потврдена.
Набљудувањата беа направени со помош на инструментот наречен Multi AperTure mid-Infrared Spectroscopic Experiment (MATISSE) поставен на телескопот VLTI од Европската јужна опсерваторија (ЕСО), лоцирана во пустината Атакама во Чиле. MATISSE ја комбинира собраната светлина (читај слика) од сите четири телескопи на ЕСО користејќи техника наречена интерферометрија. Тимот го искористи MATISSE за да го скенира центарот на Месие 77, кој се наоѓа на 47 милиони светлосни години оддалеченост во соѕвездието Кит, откривајќи го неговиот облак од прашина со торусен облик и помагајќи да се дефинираат неговите својства. Инструментот овозможил астрономите да “видат” низ прашината и прецизно да ја измерат температурата. Добиените слики ги детализираат промените во температурата и апсорпцијата на облаците од прашина околу црната дупка.
На овој начин тимот успеал да направи детална слика на облакот од прав и точно да ја посочи локацијата на црната дупка скриена внатре во него. Резултатите од секое од набљудувањата се покажа дека се во согласност со предвидувањата направени од Унифицираниот модел. Добиените резултати, освен што овозможуваат подобро разбирање за активните галактички јадра, би можеле да им помогнат на астрономите и подобро да ја разберат историјата на Млечниот Пат, кој во својот центар има супермасивна црна дупка што веројатно била активна во минатото.
Следен чекор на истражувачите е, со помош на VLTI од ЕСО, да се обидат да најдат повеќе докази што одат во прилог на Унифицираниот модел за активни галактички јадра преку набљудување на повеќе галаксии. Екстремно големиот телескоп (ELT) на ЕСО, кој треба да започне со работа во втората половина од оваа деценија, исто така ќе го помогне пребарувањето, обезбедувајќи резултати што ќе ги надополнат наодите на тимот и ќе им овозможат да ја истражуваат интеракцијата помеѓу активните галактички јадра и галаксиите.