Мичијаки Такахаши, научникот кој го инспирира денешниот гугл-дудл, ја откри првата вакцина против вирусот што предизвикува сипаници, и сето тоа „благодарение“ на неговиот син...
Ако денес сте ја отвориле страницата на Google, веќе сте го виделе денешниот гугл цртеж, т.н. гугл-дудл (Google doodle), илустриран од уметникот Тацуро Киучи. Илустрацијата е посветена на Мичијаки Такахаши, пронаоѓачот на првата вакцина против вирусот што предизвикува овчи сипаници или варичела, кој е роден пред точно деведесет и четири години, на 17 февруари 1928 година, во Осака (Јапонија).
Ако ја отворите Google страницата посветена на научникот, кој почина во 2013 година, ќе дознаете дека тој ја почнал неговата работа за изнаоѓање безбедна превентива против овчите сипаници откако неговиот тригодишен син развил тешка форма на болеста.
Такахаши дипломирал на Универзитетот во Осака, а потоа ја започнал својата кариера во Истражувачкиот институт за микробни болести на неговиот универзитет во 1959 година. Откако ги проучувал вирусите на мали сипаници и детска парализа, Такахаши прифатил стипендија за истражување во САД во 1963 година. Токму тука синот тешко се разболел, откако бил во контакт со дете кое боледувало од варичела, па научникот ја фокусирал својата работа против оваа многу заразна болест.
Во 1965 година Такахаши се вратил во Јапонија и почнал да одгледува живи, но ослабени вируси на овчи сипаници во животински и во човечки ткива. По само пет години развој, тој бил подготвен за клиничко тестирање. Веќе во 1974 година била претставена првата тест вакцина против вирусот што предизвикува овчи сипаници. Следеле ригорозни истражувања со имуносупримирани пациенти кои ја потврдиле високата ефикасност на вакцината. Во 1986 година, вакцината што ја разви Такахаши беше единствената вакцина против сипаници одобрена од Светската здравствена организација.
Вакцината на Такахаши набргу потоа започна да се употребува во преку 80 земји, ефективно спречувајќи милиони случаи на варичела секоја година. И не само тоа: се чини дека вакцината има заштитно дејство против вирусот на херпес зостер. Болеста предизвикана од вирусот на варичела, честопати се смета за не многу сериозна. Таа најчесто ги погодува децата на возраст од 3 до 7 години и може да биде многу опасна за оние на возраст под 1 година. Болеста може да предизвика и ретки, но тешки компликации, како што е, на пример, церебелитис – воспаление на малиот мозок.