Астрономите открија неверојатен нов тип ѕвезди покриени со остатоци од согорен хелиум. Претставувајќи ги своите наоди во Monthly Notices of the Royal Astronomical Society, германските астрономи кои први ги забележаа овие чудни нови небесни тела, велат дека површините од овие ѕвезди не наликуваат на ниту една друга досега забележана површина.
Наместо нормална ѕвездена површина од водород и хелиум, новооткриените ѕвезди се покриени со јаглерод и кислород – нуспроизводи од фузија на хелиум. Она што е уште поинтересно е што ѕвездите се со големина и температура кои укажуваат на тоа дека во нивните јадра хелиумот сè уште согорува, ѕвездена карактеристика којашто вообичаено се забележува само кај ѕвезди во многу понапредна еволутивна фаза од овие.
Имено, најчесто кај ѕвездите со ваков површински состав фузијата на хелиумот во нивните јадра веќе завршило и тие би требало да се на пат да станат бели џуџиња. Барем вака процесот треба да функционира во рамките на тоа како астрономите досега ја разбираат и сметаат дека се одвива еволуцијата на ѕвездите. Но, тоа не е случај кај овие ѕвезди.
Во придружниот труд, една друга група астрономи од Универзитетот во Ла Плата и Институтот Макс Планк се обидоа да го понудат првото можно објаснување зошто ова се случува и како е можно да се формира една ваква необична ѕвезда. Претпоставените околности се подеднакво возбудливи како и откритието на новите ѕвезди. Тие сметаат дека се работи за мошне редок феномен на ѕвездено спојување на две ѕвезди од типот бели џуџиња.
Белите џуџиња се ѕвезди што го потрошиле, односно согореле целото нивно нуклеарно гориво и ги отфрлиле своите надворешни слоеви. Тие вообичаено колабираат во себе при што стануваат многу густи и мали. Кога две вакви ѕвезди орбитираат блиску една до друга во бинарен систем, нивната меѓусебна орбита има тенденција да колабира навнатре додека се ослободуваат гравитациските бранови, а спојувањето и не е нешто невообичаено кај ваквите ѕвезди. Сепак, досега, сите познати спојувања на бели џуџиња резултирале со предвидлив ѕвезден состав. Астрономите сметаат дека новооткриените ѕвезди со невообичаен површински состав се можеби производ од судир на две бели џуџиња со сосема различен внатрешен состав. Имено, вообичаениот еволутивен развој на бело џуџе што изобилувало со јаглерод и кислород можеби бил попречен кога ѕвездата се споила со бело џуџе богато со хелиум, што довело до формирање на необичниот тип ѕвезди. Но, и покрај ова објаснување, ниту еден досегашен ѕвезден модел не може целосно да ги објасни површинските својства на новите ѕвезди.
Тимот сега ќе работи на усовршување на нивните ѕвездени модели со цел да ја процени веројатноста за едно вакво спојување. Тие се надеваат дека покрај настанокот на чудните нови ѕвезди, ќе успеат да ја разберат и сложеноста на доцните еволутивни фази на бинарните ѕвездени системи.
Сè дури астрономите не ги развијат овие порафинирани модели, потеклото на ѕвездите покриени со хелиум ќе остане предмет за дебата.