Рубрика: Медицина
Дали изложеноста на Омикрон го зајакнува имунолошкиот систем дури и ако не се разболите?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 15.02.2022 - 17:45

На еден или друг начин сигурно досега повеќепати сте биле изложени на ковид – вашиот најдобар пријател бил позитивен, вашата колешка исто така, а можеби и некој од вашето семејство. А сепак, се чини дека громот односно ковидот, удира секаде наоколу сем директно во центар, во вас, и секојпат кога по ваква случка се тестирате, тестот е негативен. Дали ова значи дека повеќекратната  изложеност на ковид го зајакнува вашиот имунолошки систем? Научниците, барем засега, не се согласуваат...

Според мнозина од научниците, вашиот имунолошки систем веројатно има корист само ако се заразите, бидејќи сиве овие “за малку” ситуации сосема веројатно нема да внесат доволна количина на вирус во вашето тело за тоа значајно да ја зајакне вашата одбрана. Но, од друга страна ако сте имале асимптоматска инфекција, која незнаејќи сте ја поминале “од нога” или, пак, ако сте биле заразени со премала количина од вирусот за тој да се детектира на брзиот тест, тогаш вашиот имунолошки систем веројатно зајакнал.

Засега научната заедница вели дека единствениот безбеден начин за стекнување имунитет против ковид претставува вакцинацијата, бидејќи секое изложување на ковид-19 носи ризик од развој на сериозна болест, хоспитализација, па дури и смрт. Ова значи дека сè уште е исклучително важно по можност да се избегне инфекцијата, но ако веќе сте изложени, постојат околности при коишто поседувањето антитела може да ви биде од полза, велат некои научници.

Според Мерион Пепер, имунолог и вонреден професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот на Вашингтон во Сиетл, влијанието на изложеноста на ковид-19 врз вашиот имунолошки систем зависи од количината на вирусната изложеност.

“Имунолошкиот одговор не се активира целосно додека не ‘забележи’ одредено ниво заразни протеини или заразни делови од вирусот“, вели д-р Пепер.

Но, повеќекратната изложеност којашто не резултирала со забележлива инфекција сепак може да предизвика телото да почувствува доволно вирусни честички за да го реактивира имунолошкиот систем, зајакнувајќи ја вашата одбрана од вирусот, вели таа. Според неа, ова сценарио е сосема можно, но не и задолжително.

Како што таа посочува, Б-клетките, кои претставуваат тип одбранбени клетки од имунолошкиот систем, можат да ги насетат вирусните честички што лебдат во околината и да се поврзат со нивните протеини и активираат.

Некои научници, пак, тврдат дека ако веќе имате антитела, стекнати со вакцинација или од претходна инфекција, постои веројатност изложеноста на вирусните честички да ви донесе одредена имунолошка предност, дури и ако не се заразите.

Една од нив е и Никол Баумгарт, професор по имунологија во Центарот за имунологија и заразни болести на Универзитетот на Калифорнија, Дејвис. Таа смета дека ако, на пример, вирусот дојде во контакт со слузокожата во вашиот нос, тамошните антитела би можеле да го “маркираат“ вирусот пред имуните клетки да го уништат, пред тој воопшто да добие прилика да се реплицира и да предизвика инфекција. Потоа овие антитела би можеле да го “обучат” остатокот од имунолошкиот систем подобро да го препознае вирусот.

Други научници, сепак, се на мислење декa овој процес на споредично изложување на вирусот без инфекција и нема некое особено влијание врз имунолошкиот систем. Тие сметаат дека ако неутрализирачките антитела од вакцината ги спречат вирусни честички да навлезат подлабоко во вашето тело, во клетките, тоа е само знак дека вакцината функционирала, и дека идната изложеност на вирусот, во мали количини, нема никакво влијание врз идниот имунолошки одговори на вашето тело.

Па така, според нив, можно е и лице, особено некој што бил вакциниран или прележал ковид, да се заразил без притоа да е свесен за тоа, бидејќи заболувањето поминало асимптоматски. Во некои случаи, ваквата инфекција може да трае мошне кратко – дури ден или два, пред таа да се исчисти, а тоа би било доволно за зајакнување на имуниот систем. Но, овој “бустер” сепак би бил значително помал отколку оној што би се стекнал при симптоматска инфекција со поголема вирусна репликација.

Дали тогаш ова значи дека ако досега на чудесен начин сте го избегнувале заболувањето од ковид-19, што се чини дека ги погаѓа сите наоколу сем вас, треба да сметате дека вашиот имунолошки систем е толку добар, како од Супермен, па дури и дека можеби сте имуни заразата со коронавирус? Дали сметате дека ова е знак дека треба да ја напуштите претпазливоста? Мнозинството доктори сметаат НЕ.

Ако досега ревносно сте носеле маски и сте ги почитувале советите за социјално дистанцирање за да ја намалите изложеноста, мошне веројатно е дека вашата “супермоќ” да потекнува од оваа заштита. Па така, дури и ако живеете со некој што е заразен, почитувањето на мерките на претпазливост може да значи дека не сте изложени на доволно голема доза од вирусот за тоа да предизвика инфекција што ќе се манифестира со посериозно заболување кај вас.

Извор: Wall Street Journal

Клучни зборови: