Рубрика: Историја и археологија
Google за археолози
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 14.02.2022 - 14:30

Кремирани остатоци во урна од раниот среден век пронајдена во Хаг

Неверојатно количество археолошки извештаи се чуваат во дигитални архиви. Но, ако сакате да пребарате информации во нив, тоа мора да го направите рачно, што претставува вистински предизвик. За да ја олесни оваа мачна работа, археологот докторандот Алекс Брандсен користел "длабоко учење"  (deep learning ), форма на вештачка интелигенција, за да развие пребарувач што ќе може многу прецизно да пребарува низ сите овие податоци. Токму ова е темата на неговата докторска дисертација чијашто одбрана е закажана за 15 февруари на Универзитетот во Лајден, Холандија.

Археолозите честопати бараат мошне специфични информации во огромното количество податоци достапни во архивите. Но моментално достапниот пребарувач може да пребарува само со користење на општи клучни зборови и наслови на PDF-датотеки, како, на пример,”среден век“ или “грнчарство“. Па така , ако за вашето истражување ви требаат податоци за средновековни секири, треба да ги преземете сите достапни податоци за средниот век и да пребарувате рачно низ нив. А ова не е мала работа.

Археолозите создаваат огромен број извештаи чиешто складирање и користење е регулирано со Договорот од Валета од 1992 година, за постапување со европското археолошко наследство. Ова накратко значи дека ако некаде сакате да започнете градежни работи, најнапред треба да проверите дали во почвата на вашата маркица за градба има некое археолошко наследство. А бројот на извештаи е огромен – само во Холандија се пишуваат илјадници извештаи на годишно ниво.

Мапа на познати локации каде биле пронајдени кремирани остатоци од раниот среден век (црвени точки) и локации што биле пронајдени со AGNES (сини точки). Жолтите точки означуваат археолошки локалитети од раниот среден век. (фото: Универзитет во Лајден)

И доаѓаме до “јунакот” на овој краток текст :) Брандсен ја користел методата длабоко учење за да развие паметен пребарувач, своевиден “Google за археолози”. Тој успеал да обучи јазичен модел да ги препознава зборовите во археолошките извештаи. Особено важно било моделот да може да ги препознае и синонимите, како и да прави разлика помеѓу различните значења на збор којшто се пишува исто, односно семантички да ги разликува хомонимите. Како што самиот Брандсен појаснува “зборот bijl [холандски за секира, алат] може да се однесува на артефакт со кој можете да ги исечете работите, но може да биде и презиме. Ако со новиот пребарувач го барате артефактот bijl, тоа е сè што ќе најдете, повеќе нема да се појавуваат резултати и за г-дин Bijls“. Новиот пребарувач овозможува и географско пребарување. Со ова ограничување корисникот ќе ги добие информациите што го интересираат само за регионот од интерес.

Брансен направил и паралелен тест на пребарувачот којшто тој го назначил како AGNES, наспроти пребарувањето што го правел неговиот колега рачно. Така, на неговиот колега-археолог, инаку експерт кој целиот живот пребарувал низ вакви датотеки, му била дадена обемна податочна база, за да најде податоци за кремирањето во раниот среден век во Холандија. Нa крајот, од истата податочна база, пребарувачот успеал да пронајде 30% повеќе податоци за кремирањето во раниот среден век, во однос на експертот!

Грубата верзија на AGNES веќе е достапна онлајн и во моментов може да врши пребарувања со точност од околу 80%. Брандсен планира понатаму да го направи пребарувачот уште попрецизен, но и да го прошири со тоа што ќе овозможи пребарување и на други јазици.

 

Извор: Универзитет во Лајден

Клучни зборови:
Кремирани остатоци во урна од раниот среден век пронајдена во Хаг

Кремирани остатоци во урна од раниот среден век пронајдена во Хаг (фото: Waasdorp, J.A.; Eimermann, E. (2008): Solleveld, Gemeente Den Haag. DANS

Мапа на познати локации каде биле пронајдени кремирани остатоци од раниот среден век (црвени точки) и локации што биле пронајдени со AGNES (сини точки)

Мапа на познати локации каде биле пронајдени кремирани остатоци од раниот среден век (црвени точки) и локации што биле пронајдени со AGNES (сини точки). Жолтите точки означуваат археолошки локалитети од раниот среден век. (фото: Универзитет во Лајден)