Група астрономи кои го користеа VLT телескопот на Европската јужна опсерваторија (ЕСО) во Чиле, открија докази за постоење на уште една планета што орбитира околу Проксима Кентаур, најблиската ѕвезда до нас, оддалечаена само 4 светлосни години. Планетата кандидат е трета по ред којашто е откриена во овој систем и е досега најмала од планетите откриени во орбита околу оваа ѕвезда. Планетата којашто има само една четвртина од масата на Земјата е истовремено и најлесна од сите досега пронајдени егзопланети.
Новооткриената кандидат-планета, наречена Проксима d, орбитира околу Проксима Кентаур на растојание од околу четири милиони километри, што е помалку од една десетина од растојанието помеѓу Меркур и Сонцето. Нејзината орбита е сместена помеѓу ѕвездата и зоната погодна за живот – област во ѕвездениот систем каде може да постои течна вода на површината од планетата – и потребни и се само пет дена за да заврши една орбита околу Проксима Кентаур.
Слика на небото околу светлата ѕвезда Алфа Кентаур AB. На неа е видлива и многу побледата ѕвезда од типот црвено џуџе, Проксима Кентаур, којашто е всушност најблиската ѕвезда до Сончевиот систем. Сликата е создадена од повеќе фотографии направени со Digitized Sky Survey 2. Синиот ореол околу Алфа Кентаур АБ всушност претставува артефакт на фотографскиот процес, во реалноста оваа ѕвезда има бледо жолта боја како и нашето Сонце. (фото: ЕСО)
Како што кажавме, веќе е познато дека најшиот најблизок сосед во орбита има и две други планети: Проксима b, планета со маса слична на Земјата, којашто орбитира околу ѕвездата на секои 11 дена и којашто се наоѓа во зоната погодна за живот; и “кандидатката” Проксима c, којашто има многу поширока орбитална патека врши петгодишна обиколка околу матичната ѕвезда.
Проксима b беше забележана пред неколку години со помош на HARPS инструментот приклучен на 3,6-метарскиот телескоп од ЕСО. Откритието беше потврдено во 2020 година кога научниците го набљудуваа системот Проксима со новиот инструмент на VLT кој поседува поголема прецизност наречен ESPRESSO (Echelle спектрограф за карпести егзопланети и стабилни спектроскопски набљудувања). Токму за време на овие понови набљудувања со VLT, астрономите ги забележале првите знаци за сигнал што одговара на објект со петдневна орбита. Бидејќи сигналот бил мошне слаб, тимот морал да спроведе дополнителни набљудувања со ESPRESSO за да потврди дека се работи за планета, а не за резултат што се должи на некои промени во самата ѕвезда.
Уметничка визија на планетата Проксима d во орбита околу нејзината матична ѕвезда. (фото: ЕСО)
Со само една четвртина од масата на Земјата, Проксима d е досега најлесната егзопланета којашто била измерена со помош на техниката на радијална брзина. Претходно оваа “титула” на најмала планета со измерена маса и припаѓаше на неодамна откриената планета во планетарниот систем L 98-59. Техниката на радијална брзина функционира на тој начин што ги детектира ситните нишања во движењето на ѕвездата коишто се должат на гравитациското дејство од планетата во нејзината орбита. Гравитациското влијание на Proxima d е толку мало што предизвикува напред-назад нишање на Proxima Centauri со брзина од околу 40 сантиметри во секунда (односно 1,44 километри на час).
Според астрономите ова достигнување е исклучително важно бидејќи демонстрира дека техниката на радијална брзина има потенцијал да открие популација на лесни планети, како нашата, кои се очекува да бидат најзастапени во нашата галаксија и на кои потенцијално може да има живот, онаков каков што го знаеме.
Во потрагата по други светови насоро на ESPRESSO ќе му се приклучи и ELT телескопот којшто во моментов се гради во пустината Атакама. Се очекува дека Екстремно големиот телескопп (ELT) ќе биде клучен за откривање и проучување на многу повеќе планети околу блиските ѕвезди.
Истражување беше претставено во неодамна објавениот труд во научното списание Astronomy & Astrophysics.
Слика на небото околу светлата ѕвезда Алфа Кентаур AB. На неа е видлива и многу побледата ѕвезда од типот црвено џуџе, Проксима Кентаур, којашто е всушност најблиската ѕвезда до Сончевиот систем. Сликата е создадена од повеќе фотографии направени со Digitized Sky Survey 2. Синиот ореол околу Алфа Кентаур АБ всушност претставува артефакт на фотографскиот процес, во реалноста оваа ѕвезда има бледо жолта боја како и нашето Сонце. (фото: ЕСО)