Група инженери од Универзитетот во Мериленд ги искористи скиците за летало направени од Леонардо да Винчи пред околу 500 години, и создаде функционален дрон што лета!
За многумина Леонардо да Винчи е познат синоним за делата Мона Лиза и Последната вечера, но сè поголем дел од луѓето знаат и дознаваат сè повеќе за неговиот сестран интерес од областа на науката. Да Винчи всушност бил полимат, скицирал анатомски цртежи, фази од летот на птиците, правел скици за изведба на необични машини што биле далеку пред неговото време. Па така, уште во 1480-тите, стотици години пред првиот лет на браќата Рајт, тој скицирал и дизајн за воздухоплов. Но, во недостиг на соодветни материјали, Да Винчи никогаш не успал да го направи и тестира неговиот уред, што многу наликувал на хеликоптер, оставајќи нè да се прашуваме дали овој примитивен модел би можел воопшто да се одлепи од тлото.
Скица на летало направена од Леонардо Да Винчи и две макети од никогаш изработеното летало кои се наоѓаат во музеите во Милано (центар) и во Бикебург (десно)
Па, се чини дека може, па и многу повеќе. Група инженери од Универзитетот во Мериленд ги искористи скиците од да Винчи и создаде функционален дрон. Уредот наречен Crimson Spin претставува мал, беспилотен квадкоптер/дрон со крилја инспирирани од дизајнот на “воздушнен сврдел“ на Да Винчи, кој пак во неговите скици го користел концептот за Архимедов сврдел којшто го турка воздухот надолу за да полета.
Дронот поседува четири елиси во облик на шраф изработени од пластика, но наместо некој рачно да ги врти (или пумпа) како што предлагала скицата на Да Винчи, овие крила се напојуваат со батерии и се движат со електрични мотори. Слично како и другите современи беспилотни летала, насочувањето кон една или кон друга страна оваа креација го прави со помош на мали промени во брзината на пропелерот. Сепак, оригиналниот дизајн со едно вратило од скиците на Да Винчи би бил многу покомплексна задача за реализација за којашто би требало да се користи иста или слична технологија како кај современите хеликоптери.
Оперативниот дрон бил претставен на конференцијата Transformative Vertical Fligh со неколку кратки летови и кратко видео. Иако скицата на проектот е стара 530 години, уникатната аеродинамика на Crimson Spin успешно се справува со неколку од многуте предизвици со кои се соочуваат леталата со вертикално полетување и слетување (VTOL) со тоа што произведува помал отпор и веројатно би бил потивок од конвенционалните пропелери, а веројатно би можел и лесно да се адаптира за превоз на патници.
Засега истражувањето е во моривање, но ако тоа побуди соодветен интерес и финансирање, инженерите од Мериленд би биле сосема среќни да го продолжат развојот.