Рубрика: Геологија
‘Суперпланини’ ја контролирале еволуцијата на животот на Земјата
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 04.02.2022 - 16:15

Џиновските планински масиви, високи најмалку колку и Хималаите, што се протегале цели 8000 километри вдолж суперконтинентите, одиграле клучна улога во еволуцијата на раниот живот на Земјата. Ова го тврди новиот труд на истражувачите од Австралискиот национален универзитет (ANU).

Истражувачите го следеле формирањето на овие суперпланини низ историјата на Земјата со помош на трагите од циркон со ниска содржина на лутециум – комбинацијата од минерал и ретки земјени елементи што може да се најде само во корените на високите планини, каде што се формираат под дејство на силен притисок.

Денес не постои ништо налик на овие џинови – тие не само што биле извонредно високи, туку целиот планински венец бил 3 до 4 пати подолг од Хималајските Планини. Истражувањето покажало најголемите џинови од овие суперпланини се формирале само двапати во историјата на Земјата – првата во периодот пред 2000 и 1800 милиони години, а втората пред 650 – 500 милиони години. Обата планински венци се издигнале во периодите на формирање на суперконтинент.

Според водечкиот автор на трудот, докторандот Зји Жу, постои врска помеѓу постоењето на овие две суперпланини и двата најважни периоди од еволуција во историјата на Земјата. Првата гаргантуанска геоформација истражувачите ја нарекле Нунска Суперпланина. Периодот на нејзиното постоење и формирање се совпаѓа со периодот кога веројатно се појавиле и еукариотите, организми од кои подоцна се развиле растенијата и животните. Постоењето на вториот масивски џин, што истражувачите го нарекле Трансгондванска Суперпланина, се совпаѓа со појавата на првите големи животни пред околу 575 милиони години и со Камбриската експлозија што се одиграла 45 милиони години подоцна, период од којшто датираат повеќето животински групи во фосилните записи.

Кога планините еродирале, тие обезбедиле суштински хранливи материи, како фосфор и железо за океаните, зголемувајќи ги биолошките циклуси и овозможувајќи усложнување на еволутивниот процес. Авторите претпоставуваат дека суперпланините, исто така, можеби го зголемиле и нивото на кислород во атмосферата, што бил потребен предуслов за сложениот живот да може да дише.

Како што забележува Жу, “Aтмосферата на раната Земја речиси и да не содржела кислород. Се смета дека нивото на кислород во атмосферата се зголемило во низа чекори, од кои два се совпаѓаат со суперпланините“. Според него зголемувањето на атмосферскиот кислород поврзан со ерозијата на Трансгондванската Суперпланина е најголемо во историјата на Земјата и бил суштински предуслов за појава на животните.

Она што овие суперпланини ги прави уште позначајни е тоа што засега нема докази за формирање на други суперпланини, во која било фаза помеѓу овие два настани. Имено, временскиот интервал пред 1800 – 800 милиони години, познат како здодевна милијарда, бележи забавување на еволуцијата и намалување на хранливите материјали во океаните, што можеби се должи на отсуството на суперпланини во тој период.

Трудот, што треба да биде објавен во изданието на Earth and Planetary Science Letters од 15 февруари оваа година, ни дава маркери за да може подобро да ја разбереме еволуцијата на раниот и сложениот живот.

Клучни зборови: