Само половина од учесниците изложени на коронавирусот развиле инфекции, главно со благи симптоми.
Здравите, млади луѓе кои биле намерно изложени на коронавирусот SARS-CoV-2 развиле благи симптоми, ако воопшто имале, открива првото т.н. human challenge истражување од ваков вид за ковид. Овој вид испитувања нудат единствена можност за детално проучување на вирусните инфекции од нивниот зачеток до крај, но се контроверзни поради ризиците што ги носат за учесниците.
Истражувањето спреведено во Велика Британија, во коешто биле вклучени 34 лица на возраст од 18 до 30 години, покажува дека ваквите испитувања сепак може да се изведат на безбеден начин, велат научниците. Истражувањето поставува основа и за подетални истражувања на вакцините, како и антивирусните и имунолошките одговори при инфекцијата од ковид. Резултатите пд истражувањето се објавени неделава, на 2 февруари, на предпринт серверот Research Square и сè уште чекаат рецензија.
Речиси половина од учесниците кои примиле мала доза на вирусот не се заразиле, додека дел од оние кои се заразиле немале никакви симптоми. Учесниците кои развиле ковид пријавиле благи до умерени симптоми, вклучувајќи болки во грлото, течење на носот и губење на мирис и вкус.
Учесниците пријавиле симптоми типични за респираторни инфекции – растечен нос и болно грло
Сепак, некои истражувачи се прашуваат дали досега добиените сознанијата од истражувањето се доволно значајни за да се оправдаат ризиците за учесниците, вклучувајќи ги и потенцијалните долгорочни несакани ефекти.
Ваквиот вид истражувања веќе со децении се користат за проучување на грипот, маларијата и многу други инфекции. Некои истражувачи уште во првите месеци од пандемијата заговараа спроведување на вакво испитувања со SARS-CoV-2, како начин за забрзување на развојот на вакцините за ковид-19. Но, други сметаа дека тие би биле премногу ризични во моменти кога сè уште премалку се знаеше за вирусот и кога беа достапни малку, ако воопшто и имаше, ефективни третмани.
Британското истражување беше најавено уште во октомври 2020 година, а првите учесници биле изложени на вирусот на почетокот од 2021 година. За нивното учество волонтерите добиле 4565 англиски фунти, за најмалку две недели поминати во карантин во просториите за изолација од високо ниво во бесплатната Кралска болница во Лондон.
Првите учесници добиле многу мала доза, приближно еднаква со количината на вирус содржан во една респираторна капка, а биле изложени на вирусниот сој кој циркулираше во Велика Британија на почетокот од 2020 година. Истражувачите предвидувале дека за да се инфицираат мнозинството учесници ќе биде потребна поголема доза. Но, почетната доза успешно инфицирала повеќе од половина од учесниците.
Вирусот се размножувал неверојатно брзо кај оние кои се заразиле. Во просек за помалку од два дена по изложувањето луѓето ги развиле првите симптоми и биле имале позитивни резултати на чувствителните PCR тестови. Ова се коси со приближно утврдениот петдневен “период на инкубација“, помеѓу веројатната изложеност на вирусот и симптомите, што епидемиолошките истражувања од реалниот свет го документираа. Високите нивоа на вирусот во телото опстојувале во просек 9 до 12 дена.
Најчестите симптоми биле типични како и кај другите респираторни инфекции: болки во грлото, течење на носот и кивање. Треската била поретка и ниту еден од заразените не развил постојана кашлица којашто се сметаше за знак на ковид-19. 70% од заразените учесници ги изгубиле сетилата за мирис или вкус, уште еден карактеристичен знак за ковид, но во различен степен. Ваквите проблеми траеле повеќе од 6 месеци кај петорица учесници и повеќе од 9 месеци кај еден од учесниците. Некои од луѓето не развиле никакви симптоми, но ги имале истите високи нивоа на вирусен товар во горните дишни патишта во период подеднако долг како и кај оние што развиле симптоми.
Истражувачите вклучени во студијата сакаат да разберат зошто толку многу луѓе не се заразиле, и покрај тоа што биле изложени на SARS-CoV-2. Некои од овие учесници имале многу ниски нивоа од вирусот за кратки временски периоди, што укажува на тоа дека нивниот имунолошки систем активно се справувал со вирусот.
Микрограф од честички на коронавирусот SARS-CoV-2 (обоени во златна боја)
Идните истражувања на учесниците би требало да објаснат зошто ова се случило. Претходните истражувања укажуваа на тоа дека коронавирусите кои ја предизвикуваат обичната настинка може да му обезбедат заштита од ковид кај некои луѓе. Друга можност е некои од луѓето да поседуваат моќен “вроден“ имунолошки одговор на којшто не му е потребна претходна средба со патогенот или некој негов близок роднина.
Тимот планира да започне уште едно тестирање ваков вид во коешто ќе изложи група од вакцинирани луѓе на сојот делта SARS-CoV-2. Со ова истражување тие ќе се обидат да ги идентификуваат имунолошките фактори што ги штитат луѓето од инфекција по вакцинацијата. Според научниците вклучени во истражувањето, засега студиите на SARS-CoV-2 со човечки “заморчиња” најверојатно ќе бидат спроведувани само со луѓе кои имаат многу низок ризик за развој на тешка болест. Но, како што истражувачите ќе стекнуваат искуство за безбедно спроведување на испитувањата од овој тип во коишто луѓе намерно се заразуваат со ковид, сосема е можно истражувањата да се прошират со вклучување на учесници и од ризичните групи, како што се постарите луѓе.
Целото истражување е предводено од страна на истражувачи од Империал колеџот во Лондон во соработка со комерцијалната клиничко-истражувачка организација Open Orphan со седиште во Даблин и нејзината подружница hVIVO.
Научната заедница засега е поделена во поглед на тоа колкава е користа од добиените информации наспроти ризиците за човечките “субјекти”. Некои сметаат дека истражувањето било спроведено безбедно и добро, а спроведувањето на идни истражувања од овој тип би можеле да овозможат, на пример, до развој на една вакцина со широк опсег на дејство против коронавирусите.
Други пак сметаат дека резултатите добиени од истражувањето се недоволни и сепак не ги оправдуваат ризиците за учесниците. Самото тоа што некои од учесниците чувствувале последици, колку и да се тие минорни, во текот на повеќе месеци по заразувањето според нив е знак дека ризиците и не се толку бенигни, додека добар дел од сознанијата стекнати од истражувањето веќе само го потврдиле она што досега се дознало преку други студии на ковид, па преземените ризици, барем засега, не ги оправдуваат овој тип на истражувања.
Извор Nature, 2.2.2022