Една широка мултидисциплинарна соработка на научници, инженери и лекари од целиот свет изнедри систем со вештачка интелигенција (ВИ) којшто преку анализа на скенови од мрежницата на окото може да пронајде знаци за срцеви заболувања. Сега, новиот ВИ систем може да го предвиди ризикот од срцев удар со точност од 70-80%, со само еден скен од мрежницата.
Со анализа на скенови на очите направени за време на рутинска посета на офталмолог, системот може да ги идентификува пациентите и со 70-80% точност да ја предвиди нивната изложеност на ризик од срцев удар во текот на следната година. Ова е возможно затоа што промените на ситните крвни садови во мрежницата се показатели за широк спектар на васкуларни заболувања, вклучително и проблеми со срцето. Според професорот Алекс Франги од Универзитетот во Лидс и соработник на Институтот Алан Тјуринг, откритието кое деновиве беше објавено во Nature Machine Intelligence, може да ги преобрази начините за скрининг и за откривање на раните знаци за срцеви заболувања.
Истражувачите користеле техники за длабоко/машинско учење – сложена серија од алгоритми што се користат за да им овозможат на компјутерите да идентификуваат обрасци во податоците и потоа да прават предвидувања – за да го обучат системот за вештачка интелигенција. За време на овој процес, за да ги идентификува врските помеѓу патологијата на мрежницата на пациентот и промените во неговото срце, системот за вештачка интелигенција анализирал скенови од мрежницата и од срцето кои им припаѓале на повеќе од 5000 луѓе. Податоците биле добиени од британската Биобанк.
Штом ВИ ги “изучила” овие урнеци од слики, таа потоа можела само со скен на мрежницата да ја процени големината и ефикасноста на левата срцева комора (една од вкупно четирите срцеви комори). Инаку проширената срцева комора се поврзува со зголемен ризик од срцеви заболувања. Имајќи ја предвид проценетата големина и ефикасност на левата комора и комбинирајќи го овој податок со основните демографски податоци на пациентот (возраста и полот), ВИ системот можел да го предвиди ризикот од срцев удар на којшто тој бил изложен во следните 12 месеци.
Ова е мошне значајно бидејќи деталите за големината и ефикасноста на левата комора во моментов можат да се утврдат само преку скапи дијагностички тестови, како што се ехокардиографијата и магнетната резонанца (МРИ) на срцето. Овие дијагностички тестови често се достапни само во болнички услови, што ги прави недостапни за луѓето од земји со послабо опремени здравствени системи (читај ние) и може да ги зголемат трошоците за здравствена заштита и времето на чекање во развиените земји. Ова истражување покажува дека можеби постои полесен, поефтин начин за скрининг за срцеви заболувања.