Рубрика: Медицина
Дали петдневна изолација за ковид има смисла?
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 24.01.2022 - 14:45

Во неколку земји карантинот за лицата позитивни на ковид е намален, иако омикрон сојот го достигнува пикот на вирусно оптоварување токму на петтиот ден. Заразата со омикрон сојот пламна како шумски пожар, но очигледно е дека полесната форма со која ковидот најчесто се манифестира кај вакцинираните луѓе придонесе многу земји да ги релаксираат правилата за карантин. Дали овие одлуки се основани од научна гледна точка? Краткиот одговор е: веројатно не. Ајде да разгледаме зошто е тоа така.

Во Велика Британија, периодот на изолација за вакцинираните кои имале позитивен резултат е скратен на седум дена, од претходните 10; во САД, карантинот за асимптоматските позитивни лица е скратен, и покрај спротивното мислење на голем број научници, на само пет дена. Во Италија, периодот на исклучување од општествениот живот за заразените е 10 дена за невакцинираните или од неодамна и вакцинираните, додека тој изнесува седум за оние кои се вакцинирани со бустер (трета) доза, но под услов да се потврди со брис негативен наод, во обата случаи. Во Австралија, изолацијата е сведена на 7 дена за сите, и вакцинирани и невакцинирани. За сите важи тестирање со брис на шестиот ден и ако тој е негативен може да се продолжи “нормалниот живот”. Исклучок се асимптоматските случаи за кои стои препорака за петдневна изолација, со тоа што им се препорачува секојдневно правење брзи антигенски тестови (!). Кај нас, ако отидете на сајтот koronavirus.gov.mk нема да најдете некои протоколи, а особено не нови. Според она што стои на во секцијата за посебни уредби (со датум април 2020!), самоизолацијата на болниот треба да трае сè дури тој не добие негативен тест со брис. Она што го знаеме од прес информации (што може да се најдат во дневните весници и портали, но не и на официјалниот сајт на МЗ) е дека изолацијата до скоро кај нас беше 21 ден, па потоа 14 и 10 дена, а на 21.1. од страна на Комисијата за заразни болести била дадена препорака за дополнително намалување на периодот на изолација од десет на седум дена.  

Она што е сигурно е дека насекаде во светот постои притисок за намалување на карантинот, најчесто по пример на американскиот модел. Мотивацијата е чисто економска. Новиот бран инфекции западните земји го дочекуваат со, во најголем дел, вакцинирана популација, па затоа барем официјално се смета дека таа е подобро заштитена од најсериозните исходи на болеста, со исклучок на изнемоштените.  Долгиот карантин се почувствува на организациски план – бидејќи Омикрон мошне лесно може да ја “заобиколи” ветената вакцинална заштита, којашто веќе потврдено е помалку ефикасна против инфекции, голем дел од работниците на многу основни служби се најдоа во изолација поради зараза или контакт со заразен. Па, оттука и одлуката за скратување на карантинскиот период.

Но кои се критични денови за пренос на ковид од омикрон сојот?Ако во оваа насока се анализира типичното однесување на вирусот, краткиот карантин е од мала корист. Според анализата на 79 студии за вирусна дисперзија кај заразените луѓе објавена во списанието Lancet Microbe и цитирани од The ​​Conversation, врвот на вирусното оптоварување кај луѓето инфицирани со омикрон сојот е помеѓу третиот и шестиот ден од изложеност на вирусот.

Трудот од Lancet обработува податоци од 5340 пациенти, а го зема предвид не само вирусното оптоварување, односно количината на вирусни честички присутни во телото и откриени со молекуларните брисеви дури и откако симптомите ќе се опорават; туку ја проценува и способноста на вирусот внатрешно да се размножува во телото на домаќинот и способноста на човекот-домаќин да го шири вирусот, односно ја проценува неговата заразност.

Вообичаено започнуваме со неколку дена ниско вирусно оптоварување (кое често ги избегнува брзите тестови) за да го достигнеме врвот на вирусно оптоварување некаде помеѓу третиот и шестиот ден, состојбата стагнира помеѓу седмиот и деветтиот ден, а некаде околу десеттиот ден во најголем број случаи има целосно исчезнување на вирусот. Сето ова ја поддржува потребата од 10-дневен карантин. Едно јапонско истражување, чии прелиминарни резултати може да ги најдете тука, потврдува дека врвот на вирусното оптоварување кај заразените со Омикрон е помеѓу третиот и шестиот ден од почетокот на симптомите. Други трудови укажуваат на нешто пократок период на заразност за асимптоматските луѓе. , но кога станува збор за справување со високо заразен вирус, нели е подобро во националните политики да се практикува претпазливост?

Според неодамнешната анализа на Универзитетот во Ексетер (Велика Британија), секое трето лице кое е позитивно на Омикрон сè уште би било заразно и по изминати пет дена. Затоа, скратените периоди на изолација овозможуваат значителен број потенцијално заразни луѓе, добар дел од нив веројатно и на врвот на вирусната дисперзија, да се вратат во јавниот живот.

Брзите тестови, кои во многу случаи се доволни за да го потврдат заздравувањето, не се секогаш сигурни, особено ако се изведуваат во домашни услови. Сите ние, како лаици, може да згрешиме при начинот на којшто се зема брисот по што би можеле да добиеме лажно негативни резултати. И покрај препораките за закрепнатите да избегнуваат присуство на поголеми собири и по можност да носат KN95 маски, заштитата на најкревките во моментов му е доверена само на индивидуалниот здрав разум.

Кај нас и во околината, иако се бележат рекорди во бројот на заразени, веќе се заговара речиси целосно олабавување на рестрикциите. Каде ова ќе нè доведе и како ќе се справиме со последиците останува да видиме.

Клучни зборови: