Иако изминаа нешто повеќе од сто и педесет години откако францускиот невролог Жан-Мартен Шарко за првпат ја препозна мултиплекс склерозата (МС) како засебна болест кај млада жена со необичен тремор, причинителот за оваа погубна болест остана непознат... сè досега. Барем вака сметаат истражувачите кои ги анализираа податоците од редовните тестови на крвта на 10 милиони американски војници, по што го најдоа засега најсилниот доказ дека инфекцијата со обичен вирус, Епштајн-Бар вирусот (ЕБВ), драматично ги зголемува шансите лицето да ја развие ретката болест.
Но, и покрај силните показатели за поврзаност истражувањето отвора многу нови прашања. На пример, зошто само еден од 1000 луѓе ќе развие симптоми на МС, иако речиси секој во текот на животот го поминува ЕБВ?
Авторите на студијата се надеваат дека нивното истражување ќе го забрза развојот на вакцина против ЕБВ. Епштајн-Бар вирусот претходно веќе беше поврзан со појавата на неколку видови на рак и е посочен како предизвикувач мононуклеоза, а во тек е рано тестирање на вакцините. Истражувачите потоа би сакале да тестираат дали вакцинирањето на младите против ЕБВ би спречило развој на МС.
Новата студија ја поврзува мултиплекс склерозата со Епштајн-Бар вирусот, тука прикажан како излегува од Б-клетка
Мултиплекс склерозата се развива со нарушување на функцијата на имуните клетки кои започнуваат да ги напаѓаат и ги оштетуваат миелинските обвивки што ги изолираат нервните влакна во 'рбетниот мозок и мозокот. Како резултатот кај болниот се манифестираат проблеми со видот, болка, слабост и вкочанетост кои во еден момент/период се присутни, а потоа ги снемува, но симптомите постојано се влошуваат со текот на времето. Рецидивите може да се спречат со инфузии на антитела кои ги осиромашуваат Б-клетките, еден вид бели крвни зрнца, но за болеста засега нема лек.
Причините за развој на МС се припишуваат на комбинација од генетски карактеристики – болеста честопати веќе била присутна во семејствата – и влијанието на тригери присутни во околината, како што се веројатно некои од вирусите. Веќе долго време главен осомничен е ЕБВ, којшто претставува тип на хуман херпес вирус (4) со којшто повеќето луѓе се инфицираат во адолесценцијата за потоа да остане латентно присутен во Б-клетките во текот на животот. Луѓето кои прележале мононуклеоза се изложени на поголем ризик од МС. Но, иако 99% од пациентите со МС имале инфекција од ЕБВ, и 95% од оние кај кои нема МС биле инфицирани со истиот вирус. Ова го отежнува утврдувањето на последователните ефекти што вирусот ги има кај прележаните.
Идеално, истражувачите би требале да следат група млади луѓе кои сè уште не биле заразени со ЕБВ за да утврдат дали оние кои се заразиле со вирусот имаат поголема веројатност да развијат МС отколку оние кои не се заразиле. Еден научен тим изнајде паметен начин како ова да го оствари. Тие ја истражиле податочната база со медицинските досиеја од 10 милиони активни американски воени лица, кои се пријавиле да служат војска помеѓу 1993 и 2013 година, и на медицинските прегледи давале примерок од крв секоја втора година за тестирање за ХИВ.
955 војници развиле МС. Од 801 примероци на земена крв што биле соодветни за тестирање, 35 биле негативни за ЕБВ при нивниот прв тест на крвта, но речиси сите (освен еден случај) станале EБВ позитивни на некој од понатамошните крвни тестови, за потоа да развијат МС 5 години подоцна, во просек. За споредба, само половина од 107 учесници во истражувањето без МС, кои ја претставувале контролната група, станале ЕБВ позитивни во истиот период. Ова значи дека инфекцијата со ЕБВ го зголемува ризикот од МС за 32 пати, што е ризик еднаков на оној за развој на рак на белите дробови кај пасионираните пушачи.
Ниту еден од другите чести вируси за кои биле тестирани примероците го немал истиот ефект и удел. Што е уште поинтересно, истражувачите дополнително утврдиле и дека кај луѓето кои на крајот развиле МС бил детектиран пораст на нивоата на протеинот поврзан со нервна деградација по инфекцијата со ЕБВ.
Иако новите докази се “мошне возбудливи“, сите не се убедени во директната поврзаност. Некои од научниците невролози велат дека студијата, на пример, не дава објаснување зошто повеќето луѓе кои се инфицираат со Епштајн-Бар вирусот сепак не развиваат мултиплекс склероза. Исто така, пречи и недостатокот на познат механизам којшто би објаснил како ЕБВ може да предизвика автоимун напад. Некои истражувачи се сомневаат дека ЕБВ ги трансформира Б-клетките претворајќи ги во патогени; други, предлагаат дека протеинот на ЕБВ наликува на нервен протеин, па како резултат на ова имунолошкиот систем по инфекција ги напаѓа нервите.
Вакцината за ЕБВ можела да им помогне на истражувачите да ја докажат улогата на причинител на вирусот, преку вакцинирање на голема група млади луѓе со висок ризик за развој на МС поради семејната историја. Експерименталните докази дека вакцината гo спречува развојот би го „штиклирале последното поле“. Пред неколку години, GlaxoSmithKline разви вакцина којашто се заснова протеин од обвивката на EБВ, но ја напушти изработката откако испитувањето покажа дека иако вакцината ја намалува инциденцата на мононуклеаза, таа не ги спречува инфекциите со ЕБВ. Две нови вакцини во моментов се во фаза на рани клинички испитувања и тие би можеле да покажат подобри резултати.