Рубрика: Климатологија
Последните девет години сите меѓу 10-те најжешки досега
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 17.01.2022 - 15:30

Во четвртокот американската агенција National Oceanic and Atmospheric Administration (NOAA), го презентираше годишниот извештај. Најновите податоци ја ставаат вo полн фокус глобалната климатска криза со податокот дека последниве девет години, од 2013 до 2021 година, се рангирани меѓу 10-те најжешки досега.

За 2021 година, просечната температура на глобалните површини беше 0,84 степени Целзиусови над просекот од 20 век, што ја прави шеста најтопла годината во периодот од првиот запис за глобални температури во 1880 година до денес. Според климатолозите мошне големи се шансите (99%) и оваа 2022 година да се рангира во десетте најтопли години до сега.  Користејќи го периодот од 21 година од 1880 до 1900 година како репер за да ги процени прединдустриските услови, NOAA откри дека глобалната температура на копното и океаните во 2021 година била за 1,04 Целзиусови степени над просекот.

Една одделна анализа на глобалната температура направена и објавена од НАСА ја рангира 2021 година заедно со 2018 година како шеста најтопла досега. Податоците од двата извештаи многу малку се разликуваат во нивната проценка од оние на Службата за климатски промени Коперник на Европската унија, којашто ја посочи 2021 година како петта најтопла досега, гледано од времето кога за првпат биле правени вакви мерења и записи во средината на 19 век.

Целокупната конвергенција на трендовите оди во прилог на заклучоците на научниците. Зголемувањето во количината на атмосферските стакленички гасови од почетокот на индустриската револуција главно е резултат на човековата активност, којшто останува во голема мера одговорен за забележаните зголемувања. Климатските научници велат дека за да се избегнат најлошите влијанија клучно е затоплувањето на крајот на векот да се одржи до пораст од 1,5 степени Целзиусови. Во спротивно ќе се соочиме со низа последици, од мега-бури до масовно одумирање на коралните гребени и уништување на крајбрежните заедници.

Но, со сегашната стапка на загревање, планетата може да ги достигне критичните 1,5 степени Целзиусови повеќе уште во наредната декада. Во последниве години се повеќе се чувствуваат влијанијата на климатските промени – рекордни шумски пожари од огроми размери во Австралија и во Сибир, топлотни бранови што се случуваат еднаш во 1000 години во Северна Америка и екстремни врнежи од дожд коишто предизвикаа огромни поплави во Азија, Африка, САД и Европа. Минатата година речиси 700 луѓе загинаа во Соединетите Американски Држави поради екстремни временски настани, како што се ураганот Ајда,  а на Сицилија беше забележана максимална температура од 48,8 степени целзиусови, што е европски рекорд. Меѓудругото, и дента кога беше презентиран извештајот на НОАА, во крајбрежниот град Онслоу во Западна Австралија била забележана температура од 50,7 степени Целзиусови, што е најтоплиот ден во оваа земја досега.

Топлинските рекорди забележани во 2021 година дојдоа и покрај тоа што годината започна во студена фаза благодарение на епизодата на јужната осцилација на Ел Нињо (ENSO) низ централниот и источниот тропски регион на Тихиот Океан. Загревањето можеби делумно да беше неутрализирано со продолжувањето на активностите при коишто се создаваат аеросоли што ја рефлектираат топлината. Имено, овие емисии беа драстично пониски за време на масовните карантински затворања на почетокот од пандемијата со ковид. Температурата на површината на копното на северната хемисфера беше трета највисока температура во записите. Температурата, пак, на површината на јужната хемисфера во 2021 година беше деветта највисока температура досега.

Мината година беа срушени топлинските рекорди за највисока копнена температура во делови од северна Африка, јужна Азија и јужна Јужна Америка, додека рекордно високи температури на површината на морето беа забележани во делови од Атлантскиот и од Тихиот океан. Од друга страна, минтата година немаше соборени рекорди за студенило како на копно, така и во океанските региони. Просечната годишна снежна покривка на северната хемисфера беше 24,3 милиони квадратни километри, што е седма најмала годишна снежна покривка во записите од 1967 до 2021 година.

Во меѓувреме, со исклучок на септември и декември, во секој месец од 2021 година на Арктикот нивоата на мраз беа во топ-10 најниски нивоа досега забележани во истите месеци. Арктикот се загрева околу трипати побрзо од глобалниот просек, придонесувајќи за дополнително покачување на нивото на светските мориња и океани и за ослободувањето на поголеми количини јаглерод диоксид и метан од пермафрозтот, ефект познат како „арктичко засилување“.

Целиот извештај на НОАА е достапен тука

Клучни зборови: