Времето од отворање до затворање на случаите моментално изнесува просечно само 10 дена и најкратко е од почетокот на епидемијата до денес (на првиот дијаграм). Тоа значи дека најголем дел од случаите, можеби и над 90%, се асимптоматски. Да се потсетиме, асимптоматските случаи автоматски се затвораат после 10 дена, а симптоматските после 21 ден. Но, можно е времето до затворање дополнително да било скратено, за да нема трупање на активните случи, но исто така за да смеат инфицираните да одат на работа.
Во секој случај, поради брзото затворање на случаите, бројот на активнте случаи веќе не расте брзо. Всушност, веќе се забележува забавување на растот и наидувањето на врвот на активните случаи (на вториот дијаграм).
Доколку врвот на активните случаи се случи пред крајот на месецот, тогаш врвот на новозаразувањето може да се случи и побргу, во наредните денови. Да почекаме до вторник, па доколку дневните броеви не надминат 2 000 случаи, тоа би значело дека врвот е достигнат.
Дури и стапката на позитивни тестови изгледа како да стагнира, но и за неа ќе почекаме до вторник, за да видиме што ќе се случува.
Ваквото сценарио е многу чудно и наликува како да се работи само за допрележување поради зголемената преносливост (како кај Делта сојот, на пример). Но, ова е контрадикторно бидејќи веќе видовме дека прележаните се заразуваат подеднакво како непрележаните, иако немаме точна претстава после колку време од прележувањето опаѓа имунитетот кон заразување. Доколку сите сме одново сусцептибилни (чувствителни) на ново заразување, тогаш е практично невозможно врвот на бранот да настапи толку брзо.
Ова можеме да го толкуваме само на два начини, иако и двата не се многу сигурни. Првото објаснување би било дека вистинскиот дневен број на новозаразени е далеку (не само 3, туку 10 пати) поголем од официјалниот број, потврден со лабораториски тестирања. Во тој случај дневно би се заразувале не само 0,1%, туку најмалку 1% од популацијата, па со такви големи чекори брзо би се движеле кон колективен имунитет кон Омикрон сојот.
Второто објаснување е дека населението, уплашено од големите дневни бројки, започнало да води повеќе сметка за мерките и на тој начин го ограничило ширењето на заразата. Тоа би бил еден вид саморегулаторен механизам, односно негативна повратна врска, како што се нарекува во теоријата на автоматското управување. Тука повратна врска е моменталниот број на заразени и колку тој е поголем, населението повеќе води сметка, повеќе го ограничува преносот на вирусот и така конечно доаѓа до намалување на бројките.
Тука треба да се имаат уште две работи во предвид. Најновите информации од светот на медицината кажуваат дека пост-ковид компликациите од Омикрон сојот биле многу потешки отколку од поранешните соеви, иако самата болест поминувала полесно (види тука). Исто така, пациентите со продолжен ковид биле многу повеќе погодени од Омикрон сојот, поради што требало очајнички да избегнуваат реинфекција (види тука).
Второ, врвот на бранот нема некакво особено практично значење, затоа што тој не означува крај на бранот. Врвот е значаен само од психолошка гледна точка, како момент на најголема болка или паника. Поучени од претходните бранови, знаеме дека смирувањето трае околу 3 пати подолго од разгорувањето. Така, иако по надминувањето на врвот ќе гледаме сé помали дневни бројки, поради долгото времетраење на опашката од бранот, кумулативно ќе има уште големо трупање на случаи, најмалку два пати колку до врвот. Што значи, назад ни е зимата, до пролетта ќе се заразат уште многу луѓе.
Охрабрува само намалувањето на стапката на леталитет, којашто моментално изнесува само околу 1%, рекордно ниска од почетокот на епидемијата и со тенденција на понатамошно благо намалување (на четвртиот дијаграм).