Во Австралија е развиен хемиски процес којшто овозможува брза, евтина и, што е најбитно, еколошки одржлива санација на одреден вид пластика.
Кој вели дека пластичните предмети мора нужно да завршат на депонии и да бидат заменети со друга пластика откако ќе се скршат? Тим австралиски истражувачи разви нов хемиски процес кој овозможува поправка на некои синтетички материјали со едноставно изложување на светлина во времетраење од неколку десетици минути.
Сирил Бојер и неговите колеги Натали Кориган и Мајкл Жанг, сите од Хемискиот оддел на Универзитетот во Нов Јужен Велс, додале посебен адитив во смолите што вообичаено се користат за 3D-печат. Предметите направени со овие збогатени смоли имаат карактеристика што ги прави уникатни – ако се скршат, тие може да се поправат со спојување на различните фрагменти и нивно осветлување со ултравиолетова LED светлина во времетрање од околу 60 минути. Штом овој процес заврши, објектот станува уште поотпорен од претходно.
Австралиските истражувачи покажаа како 3D печатените предмети обработени со тритиокарбонат, како што е оваа виолина, можат самите да се 'залепат' со изложување на УВ светлина.
Овој интересен резултат е добиен со додавање на тритиокарбонат во пластиката и со искористување на процесот познат како контролирана радикална полимеризација, откриен во 1988 година од компанијата Dupont во соработка со CSIRO, Организацијата за научни и индустриски истражувања на Комонвелтот.
Овој адитив, во присуство на светлина, им овозможува на пластичните полимери да ги реконструираат врските помеѓу еден и друг елемент на наноскопско ниво. Упростено кажано, со извесна доза на непрецизност, би можело да се каже дека станува збор за своевидно “ладно топење“ на пластиката. Всушност, како што објаснуваат истражувачите, истиот резултат може да се добие со примена на неколку последователни традиционални циклуси на топење, што би одзело најмалку 24 часа и значителна количина на енергија.
Докажано е дека 3D-печатените материјали третирани со средство за пренос на фрагментација со реверзибилно додавање (RAFT) имаат способност на самозацелување при изложеност на УВ светлина
Предностите на процесот развиен од Кориган и Жанг се очигледни: скршениот материјал не мора да се замени и може мошне бргу да се обнови, на лице место, без потреба од печки или други алатки. Со ова значително се намалуваат трошоците, а како огромен бонус е тоа што процесот носи голем благодат за животната средина.