Рубрика: Енергетика
Кинеското Вештачко Сонце сè поблиску до добивање енергија од контролирана нуклеарна фузија
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 13.01.2022 - 17:00

Кинеското Вештачко Сонце – суперспроводливиот токамак, фузиски реактор што има потенцијал да обезбеди речиси неограничени количини на енергија без штетни емисии, постави нов рекорд работејќи 1056 секунди постигнувајќи температира од 70 милиони степени целзиусови, јави кинеската новинска агенција Ксинхуа.

Токамак реакторот Вештачко Сонце со назнака EAST (Experimental Advanced Superconducting Tokamak  – Експериментален напреден суперспроводлив токамак) се наоѓа во Хефеи, Кина (види тука). Во мај минатата година кинескиот токамак постигна уште еден рекорд, кога работеше 101 секунда, постигнувајќи температура од 120 милиони степени целзиусови.

EAST е еден од неколкуте експерименти за нуклеарна фузија што во моментов се одвиваат ширум светот, а кои работат на постигнување безбедна имитација на нуклеарната реакција што се случува во внатрешноста на сонцето и на ѕвездите со помош на токамак реактори. За потсетување – нуклеарната фузија e спојување на два атома при што се формира потешко јадро, а притоа се ослободуваат огромни количини на енергија. Неколку експерименти во напредна фаза влеваат надеж дека со припитомувањето на оваа моќ ќе се обезбеди доволно енергија за светот да ја прекине неговата зависност од фосилни горива.

Други експерименти за нуклеарна фузија се, на пример, SPARC експериментот на MIT, којшто е поддржан од Бил Гејтс, и KSTAR експериментот во Јужна Кореја, кошто неодамна го соборија рекордот за одржување на супер-жешка плазма на еден милион степени, постигнувајќи 30 секунди. Според кинеската телевизија, експериментот EAST постигнал неколку клучни напредоци кон остварувањето на одржлива нуклеарна фузија, а тоа се производство струја од 1 милион ампери и постигнување на температура од 100 милиони степени во времетраење од 1000 секунди. Она што треба сега да го постигнат инженерите на EAST е да ги повторат овие две достигнувања во истовремено.

За да се постигне одржлива нуклеарна фузија, истражувачите мора да покажат дека можат да произведат повеќе енергија отколку што на им е потребно на реакторите за фузија за работа. Досега тоа не беше можно, иако клучните откритија во последните месеци и години ја доближуваат научната заедница сè поблиску до остварување на оваа цел. Во септември, на пример, институцијата што го работи SPARC експериментот, Commonwealth Fusion Systems, објави дека успешно тестирала магнет што може да работи со магнетна сила со 20 Тесла, додека троши само околу 30 вати енергија.

Ваквите откритија ќе и овозможат на научната заедница постепено да ја подобрува ефикасноста на овие “вештачки сонца“, намалувајќи ја најнапред количината на енергија потребна за нивно управување. А потоа, може да очекуваме да ја отклучат “тајната” за искористување на енергијата од фузијата овде, на Земјата.

Клучни зборови: