Рубрика:
Златната рипка што научи да вози
Објавено на 13.01.2022 - 14:30

Ние можеби тренираме магариња, но израелците тренираат златни рипки. Ако за нашиот тренинг немаме информација како поминал, оној на златната рипка дал мошне солидни резултати, доволно вредни да бидат објавени во реномирано научно списание.

Прашањето од коешто тргнале е “Дали навигациските способности на животните се универзални или се калибрирани според нивната природна средина?” Или ако сакате нешто поимагинативна преформулација: “Дали златната рипка би можела да вози автомобил на копно?” Се работи за сосема легитимно прашање коешто си го поставеле група истражувачи од Универзитетот Бен-Гурион во Негев, Бер Шива, Израел.

За да ги тестираат навигациските вештини на златнaтa рипкa, група научници ја ставиле зад воланот на автомобилот... па добро, не баш буквално, туку изработиле експеримент којшто се одвива според најблиску можно до ова сценарио. Лабораторискиот експеримент што требаше да даде одговор на прашањето за навигациските вештини беше изведен благодарение на соработката на една златна рипка којашто била тренирана токму за таа прилика. Резултатите од експериментот беа објавени неодамна во научното списание Behavioral Brain Research.

Како што напоменавме, првиот чекор во овој необичен експеримент бил златната рипка да се обучи за движење во правец кон целта, по што истражувачите ја наградиле со малку храна. Потоа животното било ставено “зад воланот” на експерименталниот уред, создаден токму за оваа пригода, кој рипката ја изнел од зоната на удобност и ја поставил во сосема нова средина. Научниците поставиле четири тркала под аквариумот во којшто таа се наоѓала и инсталирале систем со камера којшто овозможувал мапирање на положбата и ја бележел поставеноста на рибата во аквариумот по што тој се придвижувал во соодветна насока. Ова овозможило рибата од внатрешноста на аквариумот, да се “насочи“ кон целта поставена во собата и на тој начин да ја придвижи целата структура.

На златната рипка и требало доста кратко време за да научи како да го движи аквариумот во права линија до целта и на тој начин да ја обезбеди и добие нејзината награда. И што е уште поинтересно рипката научила да ги избегнува поставените пречки, на пример,ја заобиколувала бариера што ненадејно и била поставена на патот, како и да ги игнорира лажните “цели” што научниците ги поставиле во собата.

Според првиот автор на студијата, Шачар Гивон, нивното истражување укажува дека навигациските вештини се универзални и вродени, веројатно присутни во различен степен кај сите животни. Тоа што златната рипка можела да научи да врши географски сложени операции во сосема поинаква средина од онаа во којашто е родена и израсната  значи дека чувството за насока е преносливо. Така дури и ако сте пораснале во морето, можете да научите да ги применувате вашите навигациски вештини и на копно, а ова сосема веројатно функционира и во обратна насока.

Клучни зборови: