Заедно со неговите 79 месечини во орбитата на Јупитер се наоѓа и вселенското летало Џуно, коешто постојано испраќа слики од најголемата планета во нашиот Сончев систем до истражувачите на Земјата. Овие фотографии им обезбедија на океанографите материјал за новото истражување чиишто резултати беа објавени неделава во Nature Physics. Трудот ја опишува обилната турбуленција на половите на Јупитер и физичките сили кои ги придвижуваат големите циклони.
Водечкиот автор на студијата, Лиа Зигелман, физички океанограф и постдокторанд на Скрипс институтот за океанографија при Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего, одлучила да го продолжи истражувањето откако забележа дека циклоните на полот на Јупитер покажуваат слични карактеристики со океанските вртлози, коишто таа ги проучувала за време на нејзините постдипломски студии. Користејќи ги сликите добиени од Џуно и применувајќи принципи кои се користат во геофизичката течна динамика, Зигелман и колегите обезбедиле докази за долгогодишна хипотеза дека влажната конвекција ги движи циклоните – топлите гасови се полесни и се издигнуваат нагоре.
Зигелман вели дека разбирањето на енергетскиот систем на Јупитер, којшто е на многу повисоко ниво од Земјата, може да ни помогне да ги разбереме физичките механизми што се одигруваат на нашата планета преку проучувањето на некои од енергетските насоки што би можеле подеднакво да постојат и на Земјата.
Композитна фотографија од Јупитер направена во инфрацрвеното подрачје (лево) и во видливото подрачје (десно)
Џуно е првото вселенско летало коешто направи снимка од половите на Јупитер; претходните сателити орбитираа околу екваторијалниот регион на планетата, обезбедувајќи поглед кон познатата Црвена дамка на Јупитер. Џуно е опремен со два системи на камери, еден за правење снимки во видливото светлинско подрачје и друг којшто со помош на инструментот Jovian Infrared Auroral Mapper (JIRAM) ги “лови”топлинските слики од планетата.
Зигелман и колегите анализирале низа инфрацрвени снимки од северниот поларен регион на Јупитер, а особено од кластерот на поларни вители. Со помош на фотографиите истражувачите можеле да ја пресметаат брзината и насоката на ветерот преку следење на движењето на облаците од слика во слика. Потоа, тимот ги интерпретирал инфрацрвени снимки во однос на дебелината на облакот. Топлите области соодветствувале со тенки облаци, места каде што е можно да се види подлабоко во атмосферата на Јупитер. Студените региони претставувале густа прекривка од облаци врз атмосферата на Јупитер.
Овие наоди на истражувачите им понудиле показатели за енергијата во системот. Со оглед на тоа што јупитеровите облаци се формираат кога потоплиот и поредок "воздух" се крева, истражувачите откриле дека воздухот што се крева брзо во самите облаци делува како енергетски извор што ги храни сè поголемите конфигурации, сè до формирањето на големи циркумполарни и поларни циклони.
Џуно пристигна во јупитеровиот систем во 2016 година, овозможувајќи им на научниците поглед одблиску во големи поларни циклони со пречник од околу 1000 километри. Осум од овие циклони се случуваат на северниот пол од Јупитер, а пет на неговиот јужен пол. Овие бури се видливи дека постојат уште од првото пристигнување на Џуно пред пет години. Истражувачите не се сигурни како настанале или колку долго циркулираат, но сега знаат дека влажната конвекција е она што ги одржува. Истражувачите за прв пат ја поставиле хипотезата за овој вид на пренос на енергија откако забележале молњи во бурите на Јупитер.
Џуно ќе ја продолжи неговата мисија во орбитата на Јупитер сè до 2025 година.