Во новата фотографија направена од Европската јужна опсерваторија (ЕСО), Орион ни нуди спектакуларен огномет за прослава одбележување на новогодишните празници. Како бонус, овој “огномет” е сосема безбеден – најживописното соѕвездие од нашето соседство ниту ќе експлодира ниту пак гори. “Огнот“ што го гледате во оваа празнична разгледница е пламената маглина на Орион и неговата околина снимени во радиобрановот подрачје. Фотографијата е направена со инструментот APEX управуван од ЕСО, лоциран на студената висорамнина Чајнантор во пустината Атакама во Чиле.
Новообработената слика на пламената маглина, во која се појавуваат и помали маглини како маглината Коњска глава, се заснова на набљудувањата спроведени од поранешниот астроном на ЕСО, Томас Станке и неговиот тим пред неколку години. Со цел да го испробаат тогаш новоинсталираниот инструмент SuperCam на APEX, тие го насочиле кон соѕвездието Орион. Неколку години и многу набљудувања подоцна, Станке и неговиот тим сега ги доставија резултатите од нивните набљудувања за објавување во научното списание Astronomy & Astrophysics.
Еден од најпознатите региони на небото, соѕвездието Орион е дом на џиновски молекуларни облаци најблиски до Сонцето – огромни космички објекти составени воглавно од водород, во коишто се изнедруваат нови ѕвезди и планети. Овие облаци се наоѓаат на оддалеченост од 1300 до 1600 светлосни години од нас и во нив се сместени најактивните ѕвездени јасли во околината на Сончевиот систем, како и пламената маглина прикажана на сликата во прилог. Оваа „емисиона“ маглина во својот центар има јато млади ѕвезди кои испуштаат високоенергетско зрачење, побудувајќи го околниот гас да зрачи светлина.
Покрај пламената маглина и нејзината околина, Станке и неговите соработници, биле во можност да се восхитуваат и на повеќе други спектакуларни небесни објекти, како рефлектирачките маглини Месиер 78 и NGC 2071, облаци од меѓуѕвезден гас и прашина за кои се верува дека ја рефлектираат светлината на блиските ѕвезди. Тимот дури открил и една нова маглина, мал објект, со изглед на речиси совршен круг, којшто го нарекле Кравја маглина (Cow Nebula).
Набљудувањата биле спроведени како дел од APEX Large CO Heterodyne Orion Legacy Survey, во рамките на кое биле набљудувани радиобрановите што ги емитира јаглерод моноксидот (CO) во маглината Орион. Користењето на оваа молекула за истражување на огромни делови од ноќното небо е примарна цел на инструментот SuperCam, којшто им овозможува на астрономите да ги мапираат големи гасни облаци во кои се раѓаат нови ѕвезди. И покрај “пламениот” изглед на маглината од фотографијата, облаците од молекуларен гас видливи на неа се всушност мошне студени, најчесто со температура од само неколку десетици степени над апсолутната нула.
Овој регион на небото бил скениран многу пати во минатото со различни бранови должини, при што во секој опсег од бранова должина биле откривани различни, уникатни карактеристики на молекуларните облаци на Орион. Еден пример се инфрацрвените набљудувања направени со телескопот за набљудување во видливото и инфрацрвеното подрачје VISTA на ЕСО, којшто е дел од опсерваторијата Паранал во Чиле. Всушност податоците од овој телескоп се “позајмени” за да ја дадат мирната позадина на фотографијата од пламената маглина и нејзината околина. За разлика од видливата светлина, инфрацрвените бранови минуваат низ густите облаци на меѓуѕвездената прашина, овозможувајќи им на астрономите да ги забележат ѕвездите и другите објекти што инаку би останале скриени во маглата.