Рубрика: Телекомуникации
Среќен 77 роденден Македонско радио!
Автор: Димац Митковски
Објавено на 28.12.2021 - 18:15

Владо Малески, првиот директор на Радио Скопје, пред микрофонот за време на директниот пренос на Второто заседание на АСНОМ на 28 декември 1944 година

Денес, 28 декември 2021 година, се навршуваат 77 години откога во далечната 1944 година, во етерот, за првпат во ослободената татковина се пренеле зборовите на првиот директор на Радио Скопје, Владо Малески-Тале на македонски јазик “Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија...

Во деновите кога ослободувањето на Скопје и на Македонија било само прашање на време, во август 1944 година Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) му дава задача на Владо Малески – Тале, да се зафати со создавање и работа на првата македонска радиостаница во слободната татковина. За оваа цел, од борбените редови биле издвојувани техничари и новинари и испраќани во Горно Врановци заради извршување на задачата. Програмската и новинарската активност ја презел врз себе Владо Малески, а техничката страна Васко Петковски, одговорен офицер за техника при Главниот штаб на НОВ на Македонија. Борците-техничари Боро Димитровски и Владо Стојчевски, со помош и на други технички кадри, забрзано работеле на оспособување и адаптација на запленета радиостаница. Поради недостиг на соодветни технички материјали и резервни делови, задачата тешко и бавно се реализирала.

Експериментите почнале со француска воена радиостаница на кратки бранови. Радио техничарите Крсто Ристевски, Александар Грков, Ефтим Митовски, Марко Плавевски, Перо Ристовски, Димче Петровски, Тодор Џартов и Стефан Ќосевски, оспособиле радиопредавател од 20 W. Новиот предавател успешно стартувал од куполата на Офицерскиот дом во ослободеното Скопје.

На крајот на декември се подготвувало одржувањето на Второто заседание на АСНОМ во зградата каде што и денес се наоѓа Собранието на Република Македонија. Владо Малески на Президиумот на Собранието му предложил смела идеја – Второто заседание да се пренесува директно преку радио. Тоа било голем предизвик, но и грижа како да се поврзе со кабли салата од каде што требало да се врши преносот до самиот предавател. Недостасувале стотици метри кабли што тогаш не можеле да се најдат во Македонија. Наскоро решението било најдено - радиостаницата да се премести од Офицерскиот дом, на покривот на Собранието на Македонија и од таму да се врши преносот од заседанието. По неколкудневна работа, се било спремно од технички аспект.

Денот на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ бил определен – 28 декември 1944 година. Во еден дел на собраниската сала, зад микрофонот, многу возбуден, според сопственото сведочење, се наоѓал Владо Малески во исчекување да почне собирот. Кога во салата се појавил првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, низ етерот за првпат во ослободената татковина се пренеле зборовите на македонски јазик

Владо Малески, првиот директор на Радио Скопје, пред микрофонот за време на директниот пренос на Второто заседание на АСНОМ на 28 декември 1944 година

Преносот бил извршен со радиопредавател од американско потекло, од фирмата “СЦР”, со снага од 20 W, приспособен за таа намена. Тоа била трофејна воена радиостаница на кратки бранови, чиј опсег бил нешто зголемен (околу 49 m бранова должина, односно 6200 kHz) за да може да се слуша и на обичните радиоприемници во регионот на Скопје. Покрај радиостаницата, за цело време на преносот главен оператор бил Александар Грков, еден од пионерите на македонските радиотехничари.

Следните триесетина денови од овој историски датум биле најтешки за малубројната екипа радиотехничари кои имале задача да оспособат предавател и студиска техника за емитување редовна програма на македонски јазик од сопственото студио во Скопје. Со помош на сонародниците од странство, со набавен и приспособен трофеен материјал, со многу труд и умеење првиот професионален предавател од 200 W бил поставен на тогашниот скопски аеродром поради зачуваниот антенски систем. Редовната работа со своја секојдневна програма на македонски јазик од студиото во градот, Радио Скопје ја започнува на 21 (некаде стои 28) јануари 1945 година. Првиот студиски простор радиото го добило во зградата подигната пред војната со режија од 15 m2 и спикерна од 12m2. Се започнало со читање вести за разни настани, соопштенија и прогласи што ги издавала власта и општествено-политичките организации.

Зградата на Радио Скопје на улица Марксова 17, просторот кадешто денес се наоѓа Соборниот храм во Скопје. Зградата била во функција сè до земјотресот на 26 јули 1963 година

Тежок проблем бил фондот на музиката бидејќи најголемиот дел од плочите биле уништени. Токму поради тоа, освен говорните текстови што биле читани во живо, и музичките изведувачи заедно со ансамблите доаѓале во терминот на емитување и свиреле во живо.

За сигнал (авизо) на новата радиостаница едногласно била избрана борбената мелодија “А бре Македонче''. За да се емитува сигналот бил конструиран метален тас на кој биле закачени 6 жици и перца кои што при движење на тасот го емитувале сигналот. Конструираниот уред честопати се расипувал, и дури во 1958 година била снимена грамофонска фолија со сигналот.

Металниот диск за најавниот сигнал “А бре, Македонче” – изум на техничарите и музичарите на Радио Скопје во 1945 година

Означувањето на точното време било со гонг на кој што се удирало со чеканче на крајот прекриено со филц. Најавата била: “Со ударот во гонг означивме ... часот”. Тој гонг и денес се наоѓа во просториите на радиото.

Гонгот со којшто Радио Скопје го означуваше точното време

Клучни зборови: