Рубрика: Медицина
Како пандемијата влијаеше на дијагностицирањето нови заболени од рак?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 17.12.2021 - 18:15

Ограничениот пристап до лекарска нега за време на пандемијата од ковид-19 предизвика нарушување во третманите на рак и на низа други состојби. Едно ново истражување укажува дека пандемијата, мошне веројатно предизвикала одложување на дијагностицирањето нови случаи на заболени од рак, ситуација што може да доведе до полоши прогнози за пациентите.

Наодите беа објавени неодамна во онлајн изданието на CANCER, рецензирано списание на Американското здружение за рак.

Тимот под водство на лекарот Браџеш К. Лал (Brajesh K. Lal, MD), од системот за здравствена заштита на воените ветерани во Мериленд (VА) и Медицинскиот факултет при Универзитетот на Мериленд, испитувал податоци од повеќе од 9 милиони американски воени ветерани во 1244 медицински установи на VА. Од 2018 до 2020 година, биле направени 3,9 милиони процедури за дијагностицирање на рак и биле дијагностицирани 251 647 нововозаболени од рак. Истражувачите открија дека процедурите за дијагностицирање на ракот се користеле поретко во 2020 година. Исто така, имало помалку нови дијагнози на рак во 2020 година. Овие дефицити варираат во зависност од географската локација и од типот на рак.

Спроведувањето на колоноскопија, процедура којашто се користи за откривање на колоректален карцином, во 2020 година се намалило за 45% во споредба со годишните просеци од 2018 до 2019 година, додека биопсиите на простата, за откривање на рак на простата, компјутеризирана томографија на градниот кош, која се користи за откривање на рак на белите дробови, и цистоскопии, со кои се открива рак на мочниот меур, се намалиле за 29%, 10% и 21%, соодветно. Колоноскопиите покажале најголемо намалување во САД: во 29% од државите, во 2020 година биле спроведени помалку од половина колоноскопии споредено со претходните години.

Новите дијагнози на рак во 2020 година се намалиле за 13% до 23%, во зависност од видот на ракот.

Истражувачите креирале табела којашто институциите, здравствените системи и американските држави можат да ја користат за да го одредат времето и ресурсите потребни за подигање на бројката на спроведени дијагностички процедури со цел да се надокнади заостатокот создаден од пандемијата.

Истражувачите се надеваат дека нивниот научен труд ќе им помогне на лекарите, болниците и здравствените организации да го предвидат степенот до кој заостанале во нивните напори во дијагностицирање на новозаболениод рак, како и дека ќе помогне во планирањето на потребните ресурси и време за повторно да се фати ритамот со дијагностицирањето на пациенти. Ова е мошне битно затоа што раната и навремена дијагностија на рак во многу влијае на успешниот исход, односно на шансите за целосно закрепнување на пациентот.

Клучни зборови: