Јужноамериканскиот планински масив Анди е многу повисок отколку што тоа го предвидуваат теориите со тектонските плочи. Ова со децении ги збунува геолозите. Компјутерските модели за издигнување на планина од тлото претежно се фокусираат на длабоките сили на компресија што се јавуваат при судирот на тектонските плочи и ги поместуваат карпите кон горе. Една нова студија покажува дека комбинација на два модели – современиот модел што ги зема предвид факторите поврзани со климата и традиционалниот тектонски модели, може да помогне во разоткривањето на збунувачката историја на Андите.
Геохемиските и хронолошките податоци покажуваат дека најновата фаза на издигнување на Андите започнала пред 40 милиони години, а најзначајното скратување на кората – процесот на формирање планина – започнал од централниот кон северниот дел на денешните Анди и постепено се проширил кон југ.
Планинскиот масив Анди распослан вдолж западниот раб на јужноамериканскиот континент
Постојат геолошки докази зачувани вдолж брегот на Андите кои укажуваат на тоа дека ширењето на Андите кон југ продолжува и денес, но сè уште е нејасно што ја предизвикува оваа миграција и значителна деформација на земјината кора.
Мноштво истражувања укажуваат дека повисоките стапки на ерозија во јужните делови од Андите, кои се должат на потоплата и повлажната клима споредено со северниот дел, хронолошки се совпаѓаатсо доказите за зголемен прилив на седименти во Андскиот ров (понор). Истражувачите сметаат дека овој седимент, кој се таложел по дното од ровот, вдолж рабовите на тектонската плоча Наска, можеби делувал како лубрикант на врвот од субдуктивната плоча, намалувајќи ги силите на компресија и резултирајќи со пониски планини.
Тимот на Лиџун Лиу, професор по геологија на Универзитетот на Илиноис, и Мајкл Гурнис, професор на Калифорнискиот институт за технологија, го истражи подлабоко овој климатско-тектонски феномен, откривајќи ја значајната улога што во него ја имал Гребенот Хуан Фернандес, поставен во правец исток-запад. Се работи за подводен синџир од вулкански жаришта којшто постои и ден денес.
3Д-релјефна мапа која илустрира како потопениот гребен Хуан Фернандес, поставен во правец исток-запад, може да дејствува како бариера за седиментите.
Новиот модел презентиран во трудот што деновиве беше објавен во научното списание Nature Communications, го објаснува токму влијанието на гребенот Хуан Фернандес врз распределбата на седиментот со текот на времето.
Како што открива главниот автор на трудот, Џиашун Ху од Универзитетот на Илиноис, Урбана-Шампејн, во делот каде Гребенот Хуан Фернандес се вкрстува со океанскиот брег на Чиле, тој делува како бариера за седиментите што мигрираат кон север. Истражувачите претпоставуваат дека овој гребен постои милиони години, и дека полека мигрира кон југ заедно со субдуктивната Наска плоча, притоа “изгладнувајќи” го северниот дел од Андскиот ров од седиментите што помогнало да се зголеми спојувањето на плочите и да се издигне планината зад мигрирачкиот гребен. Со вклучувањето на ефектите од влијанието на гребенот Хуан Фернандес во моделот за издигнување на Андите, тој неверојатно добро кореспондирал со денешните геолошки карактеристики на овој планински масив.
Како што скромно заклучуваат авторите, моделот допрва треба да се го издржи предизвикот да се вклопи во широкиот опсег на хипотези коишто го објаснуваат формирањето Андите, а некои од нив вклучуваат неверојатно сложени геометрии на субдукција на тектонските плочи.
Трудот претставува интересен исчекор во правец на квантитативно поврзување на влијанието на климата и на тектониката.