Целосното затемнување на Сонцето коешто овој викенд, на 4 декември, беше видливо само од регионот на Антарктикот им пружи единствена можност на истражувачите да дознаат повеќе за тоа како затемнувањата на Сонцето влијаат на вселенската “метео” состојба. Следното целосно затемнување коешто ќе биде видливо од Антарктикот ќе се случи дури во 2039 година.
Линијата на видливост на ова целосно затемнување, појава што се случува кога Сонцето и Месечината се во истата линија на еклиптика со Земјата, се движеше преку Антарктикот, од ледениот гребен Рон до земјата Елсворт, додека остатокот на Антарктикот остана во делумна сенка.
Патеката на видливост на затемнувањето на Сонцето на 4.12.2021
Максималното затемнување се случи во 7 часот и 33 минути по Гринич, односно околу 4 часот наутро по локално време. Но ова не беше пречка за упорните ловци на еклипси, со оглед на тоа што во текот на летото, коешто на јужната хемисфера е сега, на Антарктикот сонцето никогаш не заоѓа зад хоризонтот. Па така, затемнувањето беше во целост видливо. Но поради овој феномен на ден што трае неколку месеци, Сонцето за време на спектаклот е ниско над хоризонтот.
Целосните затемнувања на Сонцето им даваат на истражувачите можност да разберат како “вклучувањето” и “исклучувањето” на Сонцето влијае на времето во вселената – природните флуктуации во космичкиот простор во непосредна близина на Земјата, предизвикани од Сонцето.
Целосно затемнување на Сонцето над Антарктикот
Како дел од мултинационалната кампања, истражувачите од British Antarctica Survey поставија магнетометар со мала моќност (LPM), кој ги мери варијациите во магнетното поле на Земјата, директно во зоната на патеката на целосното затемнување. Овој инструмент, заедно со седум други BAS LPM на Антарктикот, е дел од мрежата магнетни и други вселенски временски сензори поставени во поларните региони и во вселената. Со тоа оваа кампања е досега најинтензивен потфат за набљудување на времето во вселената при затемнување на Антарктикот.
Затемнувањето снимено од боинг 787. Фотографијата е направена од Петр Хоралек на висина од 12,5 километри над Веделовото Море. Моментот на тоталност траеше 145 секунди
Промените во магнетното поле на Земјата се предизвикани од електричните струи во горние слоеви од атмосферата над двата поларни региона, создадени од вселенското време. Овие магнетни варијации може да предизвикаат несакани електрични струења во големите електродистрибутивни мрежни системи, па би било мошне корисно ако може да се предвидат, со цел да се избегнат оштетувања. Инаку, електричните струења се поврзани и со манифестацијата на поларната светлина – аурора, и на северната и на јужната хемисфера.
Промените на Антарктичките електрични струи како резултат на затемнувањето може индиректно да влијаат на струите над Арктикот и во вселената. Овие промени, исто така, може да предизвикаат и таканаречени ”патувачки јоносферски нарушувања“ низ горните делови од атмосферата ширум целиот свет, што ќе влијае на сигналите од сателитската навигација. Затоа, мерењето на ефектите на затемнувањето на сонцето може да помогнат за подобро разбирање на вселенските метео услови и да се тестира точноста на моделите за прогноза на влијанието на вселенското време врз снабдувањето со електрична енергија и врз сателитската навигација.