Истражувачи од Центарот за астрофизика при Харвард и Смитсонијан забележаа нов тип бинарни ѕвезди за коишто долго време се теоретизираше дека постојат. Откритието конечно ја потврдува теоријата за формирање и еволуција на овој редок тип ѕвезди во универзумот.
Новата класа на ѕвезди беше опишана во декемврискиот месечен билтен на Кралското астрономско друштво. Откритието е направено од страна на постдокторандот Карим Ел-Бадри со помош на телескопот Шејн во опсерваторијата Лик во Калифорнија. Притоа биле користени и податоци од неколку други астрономски истражувања.
Кога една ѕвезда умира, откако ќе изгори целото нејзино гориво, постои 97% шанса таа да се претвори во бело џуџе, мал густ компримиран објект со потемнет сјај. Но, во ретки случаи, ѕвездата може да се претвори во бело џуџе со екстремно мала маса (ЕММ). Овие ѕвезди, чијашто маса е помала од една третина од масата на Сонцето, претставуваат вистинска астрономска загатка – ако пресметките за ѕвездената еволуција се точни, сите ЕММ бели џуџиња би требало да се постари од 13,8 милијарди години, што значи дека би биле постари од самиот универзум! Се разбира, ова е физички невозможно.
Па така, со текот на годините, астрономите заклучија дека единствениот начин за формирање на овојт тип бело џуџе е со помош на бинарен придружник. Гравитациското привлекување од блиската ѕвезда-придружник може многу побрзо да ја “изеде” ѕвездата сè дури таа не се претвори во ЕММ бело џуџе, во временска рамка помала од 13,8 милијарди години. Но, досега немаше сигурни докази дека ова се случува.
Астрономите набљудуваа нормални, масивни ѕвезди како нашето Сонце, кои акретираат кон бели џуџиња – настани коишто се нарекуваат катаклизмички променливи. Исто така, биле забележани и ЕММ бели џуџиња со придружници од типот на нормални бели џуџиња. Но никогаш не била забележана преодната еволутивна фаза на овие ѕвезди, одосно она што се случува при трансформацијата –кога енда ѕвездата го губи поголемиот дел од својата маса и се компримира речиси во ЕММ бело џуџе.
Во 2020 година, Ел-Бадри одлучил да пушти во потрага по ѕвездата којашто долго време остануваше скриена – белото џуџе пред EММ (познато и како еволуирана катаклизмичка променлива). Користејќи ги новите податоци од мисијата Гаја (GAIA) – вселенска опсерваторија лансирана од Европската вселенска агенција и постројката Цвики во Калтек, Ел-Бадри ја намали бројката на потенцијални кандидати од една милијарда ѕвезди на 50 можни пред ЕММ бели џуџиња. По ова следело поблиско набљудување на 21 од овие ѕвезди.
Стратегијата дала резултат – 100% од кандидатите биле токму пред-EММ бели џуџиња. Ѕвездите веќе изгледале поголеми од ЕММ ѕвезда, а истовремено имале и овален облик којшто се должел на гравитациското привлекување на ѕвездата придружник.
Тринаесет од ѕвездите покажувале знаци дека сè уште ја губат масата во корист на нивниот придружник, додека осум од ѕвездите се чинело дека се при крај на процесот и дека повеќе не губат маса. Секоја од ѕвездите истовремено била потопла од претходно забележаните катаклизмични променливи.
Ел-Бадри планира да продолжи да ги проучува пред-ЕММ белите џуџиња, како и да ги следи преостанатите 29 кандидати коишто претходно ги откри.