Кинезите работеле и ја спуштиле цената на фотонапонските панели на само 0,2 – 0,25 американски долари по ват. Со оваа цена е возможно да се направи фотонапонска електрана со моќност од околу 30 мегавати за околу 24 милиони долари, колку што ние “фрливме во ветар“ за узвоз на струја последниов месец. Доколку продолжиме да увезуваме со ова темпо, за една година испуштаме електрана од 300-400 мегавати, односно колку целиот РЕК Битола при сегашниот квалитет на јагленот.
Додека ние се занимававме со избори и политика, Кинезите работеле и ја спуштиле цената на фотонапонските панели на само 0,2 –-0,25 американски долари по ват.
Заедно со трошоците за транспорт и инсталација на панелите и инвертерите, цената може да порасне до 0,8 долари по ват, односно 0,8 милиони долари по мегават инсталирана моќност, но не и повеќе од тоа. Доколку ја откупиме технологијата за производство на соларни панели, нашата цена би била и пониска. Да не заборавиме, основната суровина за фотонапонските панели е силициумот, којшто се добива од кварцниот песок, а него барем го има во изобилство на планетава.
Сончева електрана со инсталирана моќност од 230 мегавати, споредлива со еден блок од РЕК Битола во номинален режим на работа (што при сегашниот квалитет на јаглен не може да се постигне, односно за таа моќност би требало да работат два блока), би чинела сé на сé околу 180 милиони долари, односно поевтино дури и од цената на еден блок од термоцентралата во времето кога таа е градена, а да не зборуваме за инфлацијата во меѓувреме.
Овој месец МЕПСО увезол струја за 26 милиони евра (односно околу 30 милиони американски долари), пет пати поскапо од нашата производствена цена. Со други зборови, фрлени се во вода 80% од 30 милиони долари, односно околу 24 милиони долари, колку што би чинела изградбата на фотоелектрична електрана со моќност од околу 30 мегавати (една третина од моќноста со која моментално произведува еден блок од РЕК Битола). За само две недели буквално испуштивме една електрана од 30 мегавати! Доколку продолжиме да увезуваме со ова темпо, за 3-4 месеци испуштаме можност да изградиме електрана со моќност од 100 мегавати, а за една година електрана од 300-400 мегавати, односно колку целиот РЕК Битола при сегашниот квалитет на јагленот.
Но, тоа не е сé, што би рекле во Топ-шоп рекламите. За мазутот за поддржување на согорувањето, како и за платите на илјадниците вработени, РЕК Битола има огромни трошоци, кои изнесуваат колку производната цена на електричната енергија, односно околу 36 евра по мегаватчас. При просечно дневно производство од 8600 мегаватчасови, колку што изнесува деновиве, тоа изнесува 310 илади евра дневно, односно околу 9 милиони евра месечно. Енергијата од фотонапонската електрана, доколку ги занемариме трошоците за одржување, е практично бесплатна. Значи и по овој основ годишно губиме можност за градба на една фотонапонска електрана од стотина мегавати.
Меѓутоа, соларните електрани имаат и негативни страни. Главната е што не работаат ноќе, а имаат намалена моќност и при облачно време. Поради тоа, за базично покривање на потрошувачката и се градат електрани на фосилни горива и нуклеарни електрани. Но, енергијата од Сонцето би можела многу да ги намали потребите од енергија од термоелектраните, како и да штеди вода за хидроелектраните, кои би работеле само ноќе и при облачно време.
Можно е да се и изгради реверзибилна хидроелектрана, каде водата од пониската хидроакумулација дење би се пумпала нагоре (со енергија од сончевата електрана) во повисоката акумулација, што би имало ефект на акумулирање на енергијата за потрошувачка во ноќниот период.
Конечно, инсталираната моќност може да се предимензионира за неколку пати, а од добивката од извезениот вишок на произведена електрична енергија во сончевите денови, би можела да се покрива загубата од скапо платената електрична енергија од увоз.
Најдобар доказ дека сето ова е можно е Шпанија, земја со 47,5 милиони жители на приближно иста географска ширина, каде инсталираната моќност во соларни електрани изнесува 14 089 мегавати. Тоа би одговарало на инсталирана моќност од 534 мегавати во Македонија, земја со 1,8 милиони жители – повеќе од нашата реална инсталирана моќност во моментот.
Да резимираме, со увезување скапа електрична енергија, ние тонеме во енергетска и секаква друга сиромаштија, се оддалечуваме од плановите за енергетска независност, фрлајќи пари во ветер и збогатувајќи ги странските производители и домашните увозници на електрична енергија.