Од научните списанија се очекува да ги разгледуваат истражувачките трудови без пристрасност и наклонетост кон одредени автори. Но, во едно обемно истражување објавено вчера во списанието со отворен пристап PLOS Biology, авторите Александар Сканф, Флоријан Наудет и Клара Лошер од Универзитетот во Рен и нивните колеги откриваат дека кај една група научни списанија можеби се присутни пристрасност и фаворизирање при објавувањето на трудовите.
За идентификување на списанијата осомничени за фаворизирање, авторите “прочешлале” 5 милиони статии, објавени во периодот помеѓу 2015 и 2019 година, во примерок од 5468 биомедицински списанија индексирани во Националната медицинска библиотека на САД. Конкретно, тие ја проценувале нееднаквоста во авторството користејќи две потенцијални црвени знаменца: а) процент на трудови во дадено списание кои се дело на најплодниот автор во даденото списание и б) т.н. Џини (Gini) индекс на списанието, статистичка мерка што наголемо се користи од страна на економистите за опишување на нееднаквостите во приходот или во богатството.
Наполеон се крунисува самиот себеси, скица од уметникот Жак-Луј Давид, дел од колекцијата графики на музејот Лувр (фото извор: Википедија)
Нивните резултати откриваат дека во повеќето списанија, публикациите се дистрибуираат кај голем опсег од различни автори, како што само може да се надеваме. Сепак, авторите идентификуваат една подгрупа на биомедицински научни списанија каде што неколку автори, честопати членови на уредувачкиот одбор во истото тоа списание, биле одговорни за непропорционален (читај голем) број публикувани трудови. Дополнително, написите напишани од овие “хипер-плодни“ поединци имале поголема веројатност да бидат прифатени за објавување во рок од само 3 недели од нивното поднесување, што укажува на дополнително фаворизирање при редакциските процедури на списанијата.
Сепак, иако се заснова на огромна достапна база на податоци, ова истражување не може да изврши детална квалитативна анализа на трудовите објавени во ваквите списанија за коишто постои сомневање за пристрасно уредувачко одлучување. За таа цел ќе биде потребна опсежна понатамошна работа во којашто ќе се се процени природата на написите објавени од страна на ултра-плодните автори во списанијата означени како потенцијално “непотистички“.
Зошто сево ова е важно? Ваквите “непотистички списанија“, за коишто постои сомнение за пристрасно уредувачко одлучување, би можеле да се искористат за “пумпање” на метриката којашто се заснова на продуктивноста, што за возврат би можело да нанесе сериозен удар врз одлуките за промоција, одобрување и финансирање на истражувањата. За да ја зајакнат довербата во нивниот фер однос, авторите тврдат дека списанијата треба да бидат потранспарентни во однос на нивните уреднички и рецензиски практики, како и да се придржуваат кон упатствата на Комитетот за етика во објавувањето (COPE).