Тим од истражувачи поврзани од неколку институции во Кина пронајде докази за еволутивни промени засновани врз природна селекција кај луѓето што живеат во Европа во последниве две до три илјади години. Во нивниот труд објавен во списанието Nature Human Behavior, групата ја опишува нивната компаративна студија на денешните жители од Обединетото Кралство, со оние кои живееле ширум Европа во изминатите неколку илјади години.
Со забелешка дека има мошне малку спроведени студии што имаат за цел да се дознае повеќе за еволутивните промени кај луѓето кои живеат во модерното време, истражувачите зацртале студија со којашто требало да се дознае повеќе за тоа како природната селекција влијаела врз луѓето што живеат во Европа во последните неколку илјади години.
За таа цел им бил одобрен пристап до податоците, некои од нив генетски, од британската Биобанка. Слични податоци добиле и од други ентитети кои поседуваат генетски материјал добиен од остатоците на луѓе што живееле во Европа во последните неколку илјади години. Тимот потоа избрал 870 човечки особини кои се идентификувани како поврзани со одредени гени, зависно од фенотипот, и ги споредил со оние што се наоѓаат кај современите Британци (од кои повеќето имаат европско потекло) со оние што биле пронајдени кај луѓето кои живееле ширум Европа во последните неколку илјади години.
Разгледувајќи ги податоците, истражувачите откриле дека во изминатите 2000 до 3000 години, еволуцијата делувала во 755 гени поврзани со особините што биле избрани, меѓу кои пигментација на кожата, диететските карактеристики и димензиите на телото. Било утврдено дека овие три карактеристики се под речиси постојан притисок на селекцијата, што довело и доведува речиси постојани промени во геномот.
Научниците забележуваат дека промените во пигментацијата на кожата биле очекувани поради разликите во изложеноста на ултравиолетова светлина. Имено, познато е дека луѓето вклучени во раните миграции во Европа имале темна кожа, но со текот на времето, низ вековите тие станувале сè посветли и посветли. Исто така, биле откриени и промени поврзани со потрошувачката на витамин Д, регулирањето на топлината и димензиите на телото. Ваквите промени, како што забележуваат научниците, најверојатно се должат и на промените во климата. Но, истражувачите откриле и дека некои промени што биле очекувани воопшто не се случиле – генетските фактори поврзани со воспалителната болест на цревата и со анорексија нервоза, на пример, не претрпеле многу промени.
Научниот тим признава дека нивните резултати сè уште се прелиминарни и дека се потребни подетални истражувања за извлекување на вистински релевантни заклучоци.