Рубрика: Медицина
Пандемиска анализа 18.11.2021
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 19.11.2021 - 13:30

Колку и да изгледа неочекувано, трендот на забавување на епидемијата, прв пат забележан уште минатиот петок, продолжува неделава. Ефективниот репродукциски број Rt е помал од единица во сите временски рамки, од седумдневна до 20-дневна. Rt со седумдневно усреднување (на дијаграмот на првата слика) не слегува многу под единица, но ниту се искачува многу над неа во есенскиот дел од четвртиот бран.

Забележуваме два врва на преносливоста, пред првиот круг на локалните избори и после отворањето на диско и ноќните клубови, но штетата од нив беше прилично ограничена, дносно амортизирана (придушена). Разни групи граѓани се заразиле од тие настани, но бргу се воспоставила некаква нова рамнотежа. Просто е неверојатно ако толку лесно куртулиме од есенскиот бран. Но, истото се забележува и во БиХ, со која споделуваме речиси идентина епидемиолошка крива, освен што таму немаше летен дел од бранот, предизвикан од свадби како кај нас. Во сите балкански земји есенскиот врв е достигнат и бројките веќе се намалуваат.

Особено е остар и необичен врвот (црвената линија на вториот дијаграм) на стапката на позитивни тестови. Толку е остар, што не изгледа реално дека циркулацијата на вирусот се намалува поради прележување, туку како да е во прашање некаква привремена аномалија. Тоа ќе стане појасно во наредните денови.

Ако на дијаграмот на третата слика го разгледуваме бројот на активни случаи (вистинскиот – црвената линија и реалниот, т.е. пресметковниот – жолтата линија), сé уште не се забележува намалување, туку стагнација – горно плато. Бројот на хоспитализирани, пак (сината линија), кажува како всушност и да немало есенски врв, односно како да сме биле цело време во фаза на смирување по летниот врв.

Во основа, изгледа како цели 2,5 месеци да сме биле во рамен тренд, со споменатите зголемувања на преносливоста предизвикани од предизборието и отворањето на диско клубовите. Во Србија, но и кај нас, некои доктори стравуваат од силно избувнување во текот на зимата. Некои споменуваат дури и некаков хипотетички мега-бран, но мислам дека тоа е малку претерано, во отсуство на некаков нов, поопасен сој, што засега го нема на повидок. Главен аргумент во прилог на претпоставката за зимско избувнување е намалувањето на заштитата од вакцините со текот на времето, што е реална претпоставка. Но, од друга страна гледаме (од петочните извештаи за ефективноста на вакцините) дека ефективноста против заразување е одвај околу 20%, што значи дека многу полошо од ова не може да биде. Едноставно, голем дел од популацијата веќе поседува одреден вид на имунитет од заразување, па дури и дополнителното постепено попуштање на заштитата, кај околу 200-300 илјади лица, не би требало да направи поголема штета, доколку постепено се заразуваат.

Оттука па понатаму сме на непозната територија, бидејќи не знаеме многу за долготрајниот имунитет против ковид-19. Поголемо избувнување би можело да се појави само во случај заштитата постепено да опаѓа, но луѓето постепено да не се заразуваат, туку некаков епидемиолошки настан во текот на зимата да предизвика нагло „запалување“. Постојат разни сценарија, но ниту едно не е многу сигурно.

На крај, едно долгорочно, прилично надежно сценарио кое произлегува од фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи, на дијаграмот на четвртата слика), во двојни логаритамски координати. Како што гледаме, со доаѓањето на соевите, од кои секој нов е попренослив од претходниот, врвовите стануваа сé повисоки, сé до еден момент кога прележаноста (во комбинација со вакцинираноста) не предизвикаа снижување на врвовите, односно премин преку пресвртната точка. Врвовите на сината линија на дијаграмот цело време се во внатрешноста на црвената линија, обвојница или анвелопа, над која сината линија не пробива. Спуштањето во последно време е прилично нагло, односно секој нареден врв би требало да биде сé понизок, а вкупниот број на случаи до крајот веќе не е многу голем и веќе се насетува максималниот број на дијагностицирани, од околу 250-300 илјади случаи, со воспоставеното темпо на тестирање. Токму оваа црвена линија-анвелопа ни дава надеж дека епидемијата во Македонија простепно се ближи кон својот крај, односно на пат е да премине во ендемија - случајни заразувања, со сезонски и не многу големи бранови на заразување.

Така би се влечеле можеби со години, додека постепено сите не прележиме, со тоа што вакцинираните би поминувале полесно. Реинфекциите ќе станат нормална појава, слично како на сезонскиот грип, а ковид-19 повеќе нема да биде медиумска вест.

Клучни зборови: