Американската стартап компанија СпинЛонч којашто сака да обезбеди алтернатива за ракетното лансирање, неодамна објави дека го остварила првиот успешен тест. За лансирање на товарот компанијата користи џиновска центрифуга во којашто тој се врти со голема брзина и исфрла на голема височина.
Тестот бил спроведен минатиот месец, поточно на 22 октомври. Според СпинЛонч, проектилот постигнал забрзување од “повеќе илјади милји на час“ и достигнал височина од “десетици илјади фити“ пред да падне.
Колку за потсетување, меѓународно признатата граница на вселената, линијата Карман, е сместена на надморска височина од 100 километри. Иако проектилот не успеал да ја пречекори и стигне до вселената, компанијата вели дека при тестирањето лансирната центрифуга била вклучена со само 20% од нејзиниот целосен капацитет.
Лансирната центрифуга, којашто компанијата ја нарече суборбитален акцелератор, е висока 50 метри и се состои од кружна вакуумска комора во којашто проектилот се врти прицврстен на лост изработен од јаглеродни влакна. Откако ќе го постигне посакуваното забрување, проектилот се откачува од лостот и се “лансира” угоре низ отвор од шасијата на кружната вакуумска комора.
Како функционира целиот систем
Стартап компанијата СпинЛонч е основана во 2014 година. Најнапред тие изградиле прототип центрифуга со пречник од 12 метри, со којшто ја тестирале способноста на различни видови товар да ги издржат притисоците од големите гравитациски оптоварувања при центрифугалното забрзување. Во 2019 година, компанијата започна да го гради суборбиталниот акцелератор во просториите на Спејспорт Америка, во Ново Мексико, Соединетите Американски Држави.
Суборбиталниот акцелератор, изработен како технолошка демонстрација која треба да докаже дека концептот функционира, треба да отвори пат кон изработката на орбитален акцелератор – три пати поголема структура со којашто ќе може да се исфрлаат сателити со тежина до 200 килограми со брзина поголема од 8000 километри на час.
За орбитални летови, проектилот што се лансира со центрифугата мора да биде опремен со мал ракетен мотор, со кој ќе се постигне Првата космичка брзина неопходна за орбитирање (приближно 28 500 km/h).
Како што пишува на веб-страницата на СпинЛонч, со нивните лансери на електричен погон компанијата ќе го направи лансирањето на сателити 10 пати поевтино и еколошки поодржливо, со оглед на тоа што потрошувачката на гориво за оваа намена би се намалила четирикратно споредено со конвенционалните ракетни лансирања.
Според компанијата, првото комерцијално лансирање е планирано за 2024 година.