Рубрика: Омнибус
Фајзер, Бионтек и Модерна заработуваат по 1000 долари секоја секунда!
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 16.11.2021 - 12:00

Големото фармацевтско трио – Фајзер, Бионтек и Модерна – со секоја минута заработуваат вкупно 65 000 американски долари од нивните вакцини против ковид-19. Истовремено, населението во најсиромашните држави во светот во најголем дел останува невакцинирано. Вакви се резултатите од најновата анализа направена врз основа на извештајите за заработка на овие фирми.

Споменатите компании најголемиот дел од производството на вакцини го продаваат во богатите држави во светот, додека државите со ниски приходи остануваат на незаштитени и на маргините, велат од People's Vaccine Alliance (PVA), коалицијата којашто се залага за поширок пристап на вакцините против ковид, којашто ја направила анализата, – пренесува денес Медикал Експрес.

Алијансата проценила дека фармацевтското трио оваа година ќе оствари бруто заработка од 34 милијарди американски долари, што значи заработка од 1000 долари во секунда, 65000 долари секоја минута, односно 93,5 милиони долари дневно!

Како што откриваат од PVA, Фајзер и Бионтек испорачале помалку од еден процент од вкупно произведените вакцини во земји со ниски приходи, додека Модерна пласирала едвај 0,2% од нејзиното производство во овие земји.

Во моментов 98% од луѓето во земјите со ниски приходи остануваат нецелосно вакцинирани.

Делувањето на овие три компании е сосема спротивно на она од АстраЗенека и Џонсон и Џонсон, кои овозможија нивните вакцини да се дистрибуираат беспрофитно, иако и овие две компании најавуваат дека наскоро оваа состојба може да се промени, како што состојбата со пандемијата ќе се смирува.

Од PVA велат дека и покрај тоа што Фајзер, Бионтек и Модерна за развојот на нивните вакцини примиле повече од 8 милијарди американски долари јавни средства, триото сепак одбива да ги уважи повиците за пренос на технологијата за испорака на вакцини до произведувачите во земји со ниски и средни примања, преку СЗО. Овој потег според нив би придонел за “зголемување на глобалната снабденост, намалување на цените и за спасување на милиони животи”.

Додека извршниот директор на Фајзер за повикот за трансфер на технологијата изјавил дека е “опасна глупост”, на почетокот од овој месец СЗО прибегна кон одобрување на индиската вакцина Коваксин (Covaxin) за итна употреба, што докажува дека земјите во развој имаат и капацитет и експертиза за производство на вакцини, додаваат од PVA.

Коалицијата PVA има 80 членки, меѓу кои се вбројуваат African Alliance, Global Justice Now, Oxfam, и UNAIDS. Тие ги повикуваат фармацевтските корпорации за веднаш да се откажат од интелектуалните права за производство на ковид вакцините, во согласност со предложениот TRIPS договор на Светската трговска организација.

Повеќе од 100 држави го поддржуваат овој потег, но тој останува блокиран од богатите држави меѓу кои се и Велика Британија и Германија.

Клучни зборови: