Двајца психолози, Ринк Хоекстра од Универзитетот Гронинген и Симине Вазир од Универзитетот на Калифорнија во Дејвис, во списанието Nature Human Behavior објавија напис – свое видување за трудовите од областа на социјалните, бихејвиоралните и животните науки, во кое повикуваат колегите да покажат малку поголема скромност при презентирањето на нивните наоди.
Во нивниот напис тие ја разработуваат методологијата за инкорпорирање на интелектуална понизност при пишувањето и објавувањето на научни трудови. Како што забележуваат Хоекстра и Вазире, во изминатите неколку години постои некаква криза во општествените, бихејвиоралните и органските науки, која делумно се должи и на тоа што добар дел од фелата пријавиле неможност да се реплицираат резултатите постигнати во некои од научните трудови.
Според Хоекстра и Вазире, оваа појава се должи на недостатокот од интелектуална понизност. Тие укажуваат на тоа дека во трудовите се среќава премногу фалење на сопствениот труд и недоволно признавање за ограничувањата на методологијата. Тие укажуваат дека е потребен поскромен пристап доколку се има волја за промена на факторите кои довеле до кризата, па за таа цел даваат и насоки за промена на самиот процес на објавување научни трудови. Тие веруваат дека ова ќе ја врати вербата во работата што се врши.
Предложените измени вклучуваат поискрени наслови и апстракти за описот на трудот и за постигнатите достигнувања. Слични промени би требало да се направат и во воведот на пишаниот труд – истражувачите треба да престанат да го преувеличуваат влијанието на нивната работа и одредени елементи од самото истражување. Секциите за применетите методи во истражувањето треба да останат верни на нивната намена – да дадат опис на извршената работа на начин што ќе им овозможи и на другите да го реплицираат направеното. Не треба да се изостават непривлечните детали, ниту пак објаснувањата зошто се донесени некои одлуки. Тие, исто така, предлагаат истражувачите да го променат својот фокус во делот за резултати – наместо да ги вклучат само позитивните аспекти на истражувањето, тие предлагаат на читателите да им се даде одреден увид и во некои од предизвиците со кои се соочувале или примери од опити што не функционирале според планираното. И, конечно, во делот за дискусија, тие предлагаат избегнување на обидите добиениот заклучок да се прикаже како единствено можен, кога тоа не е оправдано. Во многу општествени експерименти, забележуваат тие, резултатите може да укажуваат на наод, но не и да демонстрираат дека тој дефакто постои.
Тимот заклучува со забелешка дека менувањето на перцепциите на истражувачите нема да биде лесно, но е неопходно, бидејќи непреземањето чекори на промена може да се покаже како катастрофално.