Во склоп на активностите на Воздухопловната федерација на Македонија, Моделарска комисија, оваа година се организираа повеќе натпревари во категории кои претставуваат врв на воздухопловносто моделарство. Па така, изминатиот викенд, на 7 ноември, се одржа воздухопловна манифестација од натпреварувачки карактер, но и со цел размена на искуства и рекреативно летање со разни категории РУ модели.
Во организација на Воздухопловната Федерација на Македонија и на Аеро клубот “Мирко Тодоровски“– Битола се одржа Државно првенство во радиоуправувани модели категорија Ф5Ј, радиоуправувани електромоторни едрилици. На натпреварот учество зедоа воздухопловни моделари од АК “Фил Феникс” – Прилеп, АК “Витачево“ – Кавадарци и, од градот домаќин Битола, АК ”Мирко Тодоровски”. Притоа настапија вкупно 7 натпреварувачи. Натпреварувачите имаа прекрасен ноемвриски ден за да ги покажат своите вештини, како во рамки на натпреварот така и во програмата рекреативно летање.
Последна проверка на модел пред старт
Главниот судија на натпреварот Пеце Илиевски, инаку претседател на комисијата за моделарство, го организираше тимот за мерачи на време претежно од градот-домаќин, но беа опфатени претставниви и од Скопје, како и од клубовите учесници на натпреварот. Се вклучив и јас, со цел да помогнам во организацијата на натпреварот како мерач на време, но и за да добијам можност од прва рака да ви ги пренесам резултатите од натпреварот како и новите достигнувања во оваа категорија.
Старт, слетување и она што се случува некаде помеѓу сето тоа
Натпеварот со одвиваше во 5 турнуси, односно лета во траење од по 10 минути, при што натпреварувачите беа поделени во две групи. А потоа беа изведени и додатни 2 лета за претендентите на првите 3 места, во траење од по 15 минути. За разлика од минатите години, оваа година речиси сите моделари имаа 4-метарски електромоторни едрилици со целокупна електронска опрема, вклучувајќи РУ приемник на 2,4 GHz, како и батерии за напојување на приемникот, висинометарот и на електромоторот, и, се разбира, “брашлес” електромотори со голема моќност. Според пропозициите, секој натпреварувач на сигнал на главниот судија го исфрлаше моделот во воздух, водејќи сметка дека електромоторот е вклучен до 3о секунди, за потоа самиот да се исклучи или, во спротивно, тоа да го направи натпреварувачот. Постои и алтернатива, моторот да се стартува со помало времетраење и до помала висина, при што добиваат дополнителни поени ако натпреварувачот постигне лет во одредениот работен термин од 10 минути. Следниот чекор е оценување на прецизноста за слетување. Притоа прецизноста се бодува различно за слетување во радиус од 10 метри (најмногу поени) и растојание од 10 до 15 метри (помалку поени), а за слетување на растојание поголемо од 15 метра натпреварувачот добива 0 бодови. Секако, пропозиците се менуваат од година во година, но во глобала тоа е тоа.
Потоа, првите четворица во пласманот прават дополнителни 2 лета со траење на работно време од 15 минути. Натпреварувачот чијшто модел ќе издржи подолго во воздух и ќе слета најпрецизно е победник на натпреварот.
Во исчекување на дополнителните летови
Доаѓање на старт на натпреварувачите
Секако, по одржаните 5 + 2 лета се прогласија победниците на Државното првенство на РУ електромоторни едрилици модели во категорија Ф5Ј. Редоследот беше следен: прво место за Гоце Јосифовски од аеро клубот “Витачево” од Кавадарци, второ за Горан Стевковски исто од АК “Витачево“ – Кавадарци, и трето место за Насте Здравевски од аеро клубот “Мирко Тодоровски“ од Битола.
Признанијата и медалите ги поделија претставникот на Воздухопловната федерација на Македонија г-ѓица Софија Биљана и главниот судија Пеце Илиевски.
Заедничка фотографија на тројцата првопласирани со претставничката на ВФМ и главниот судија
По натпреварот речиси сите натпреварувачи правеа летови по слободен состав и разменуваа искуства. Огромна благодарност за моделарот Сашо Милошевиќ од АК “Витачево” кој ми овозможи лет со неговата едрилица, со што имав прилика да се уверам во квалитетот на овие одлични едрилици коишто во вистински раце претставуваат извонреден реквизит за постигнување на врвни резултати. Исто така и до моделарот од Горан Стевковски, исто од АК “Витачево”, којшто во детали ми ја објасни конструкцијата на новите 4-метарски едрилици со можност на расклопување на крилата во 4 дела и трупот на 2 дела, со што се овозможува полесен транспорт.
На крај можам да заклучам дека РУ моделарите веќе располагаат со современа техничка опрема и квалитетни модели, особено во категоријата Ф5Ј. Веќе настапија на неколку меѓународни натпревари, а селекторот Здравко Тодоровски навистина ќе биде задоволен и од постигнатите резултати на домашен терен.
Морам да напоменам единствено натпреварувачот од Прилеп настапи со комбинација од постари модели и крила правени во сопствена изведба, што е навистина голем потфат, а со тоа покажа и храброст е да влезе во костец со скапо платените модели од странство чијашто цена надминува и преку 1500 евра.
Морам да додадам дека натпреварот помина во беспрекорна организација за што помогна и инфраструктурата на АК “Мирко Тодоровски” – Битола, а целиот натпревар се одвиваше според протоколот за превенција од ковид-19.