Рубрика: Медицина
Пандемиска анализа 7.11.2021
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 08.11.2021 - 11:30

Просто неверојатно е до каде може да оди релативизирањето на броевите и оправдувањето за непреземањето мерки. На тој начин, со потценување на ризиците, на населението му се влева лажна сигурност и имплицитно се охрабрува на рискантно однесување, а тоа носи нови случаи и во крајна линија нови мртви.

Денешниот број на новодијагностицирани (454) како да беше нагоден точно да лежи на линијата на трендот на броевите во последните 4 недели (жолтата линија на првиот дијаграм). Да не заборавиме дека дијаграмот е во логаритамски координати, а правата линија претставува експоненцијален раст. Слично, утре (понеделнички) би можеле да очекуваме околу 170 нови случаи.

Растот засега не е многу забрзан, но ќе видиме како ќе биде од наредната недела, кога температурите ќе се намалат од овие натпросечно високи ноемвриски температури. Вака како што стојат работите, до крајот на ноември броевите не би достигнале ни 1000 случаи дневно, како што покажува црвената линија на трендот на неделните максимуми на првиот дијаграм. Но, не знаеме што ќе донесе заладувањето.

Но, дневните броеви и висината на врвот не се најважни. Поважен е вкупниот број на случаи во еден бран, кој може да биде голем ако бранот долго трае, дури и при релативно невисоки дневни броеви. Колку, тогаш, нови случаи можеме да очекуваме до крајот на бранот на Делта сојот?

До крајот на бранот на Алфа сојот (британскиот сој) во јуни, чијшто базичен репродукциски број R0 изнесуваше околу 4, стигнавме до вкупно 155 000 случаи. Доколку не пристигнеа вакцините, при R0 = 7...8 на Делта сојот (индискиот сој), заразувањето би престанало при околу 271 000 – 349 000 вкупно случаи, односно по околу 65 000 – 143 000 од денешните 206 000 случаи. При ефективност на вакцините против заразување од 20 – 25%, со занемарување на реинфекциите, овие броеви малку се намалуваат, на 49 000 – 114 000 нови случаи. Значи, ни претстои уште долг пат на заразување, но овие заразувања нема да се случат за еден или два месеци, туку до крајот на бранот на Делта сојот во пролетта 2022 година.

Пристигнувањето на Делта плус сојот (подваријанта AY.4.2) би ги поткренало овие броеви за 10 – 15%, на 54 000 – 130 000 нови случаи. Со други зборови, епидемијата нема да заврши (иако дневните броеви експоненцијално ќе се намалуваат) се додека вкупниот број на дијагностицирани не достигне 260 000 – 330 000.

Оттука можеме да го процениме и бројот на починати до крајот на епидемијата. Делта сојот е многу поопасен од претходните соеви, што се гледа од стапката на болнички леталитет од 61,5%, но и од стапката на леталитет кај дијагностицираните случаи (Case Fatality Rate – CFR), којашто изнесува 3,77% ± 0,09% од јули до денес. Така наоѓаме дека прогнозираниот иден број на починати до крајот на епидемијата, доколку не се зголеми опфатот со вакцинација, би изнесувал 1900 – 4900 (средно околу 3400 нови случаи).

Тука се можни корекции надолу и нагоре. Корекција надолу би имале ако претпоставиме дека досега починале најстарите и најранливите, па во иднина стапката на леталитет би била помала. Корекција нагоре би имале поради опасниот сој Делта+ (AY.4.2). Сè на сè, тешко дека ќе куртулиме без нови 2000 мртви до крајот. Тоа важи за официјално потврдените случаи, со лабораториски ПЦР тестови. Одвишната смртност кај нас е за околу 85% повисока од официјално потврдената ковид смртност, така што реално би можело да има уште 3500 – 5000 случаи (тие што ќе ги видиме во билтените на ДЗС).

Прогнозите не се убави за гледање, но сосема се реални и тешко е да се очекува нешто добро по укинувањето на последните ограничувања од страна на здравствените власти, со што сме препуштени на режим на неконтролирано заразување и умирање.

На прв поглед изгледа збунувачки што при сè уште високи дневни броеви на починати (кои започнаа да растат последниве денови, портокаловата линија на вториот дијаграм) бројот на хоспитализирани е релативно низок. Објаснувањето е едноставно – високиот болнички леталитет од 61,5% многу бргу ги ослободува болничките постели. Но, што да се прави, со невакцинирање во услови на неконтролирана епидемија, населението самото си го одбрало патот по кој ќе оди.

Вакцините во овој бран веќе го преполовија бројот на смртни случаи, но намалувањето можело да оди до 89% (колку што изнесува ефективноста на вакцините), доколку целата возрасна популација (или барем тие над 40 годишна возраст) биле вакцинирани.

Збор-два и за растечката стапка на позитивни тестови (на третиот дијаграм). Властите не смируваат дека за една недела оваа стапка се зголемила „само за помалку од 3%“. Да ги видиме броевите. Од 30.10.2021 до 5.11.2011 седумдневниот просек на стапката на позитивни тестови се зголемил од 12,82% на 15,49%. Апсолутното зголемување изнесува 15,49% – 12,82% = 2,67%, односно малку под 3 процентни поени. Но, во однос на почетните 12,82% релативното зголемување изнесува (15,49% – 12,82%) / 12,82% = 2,67% / 12,82% = 20,8%. Со други зборови, стапката на позитивни тестови се зголемила за една петтина за само една недела, што е огромно зголемување, приближно колку што изнесува зголемувањето на бројот на новодијагностицираните.

Просто неверојатно е до каде може да оди релативизирањето на броевите и оправдувањето за непреземањето мерки. На тој начин, со потценување на ризиците, на населението му се влева лажна сигурност и имплицитно се охрабрува на рискантно однесување, а тоа носи нови случаи и во крајна линија нови мртви. Но., што да се очекува од луѓе кои не преземаа никакви мерки дури ни кога гледавме по 40 – 50 починати на ден, по двајца на секој час и притоа нè убедуваа дека ситуацијата била под контрола? Тоа не смее да се заборави, и некоја идна власт и обвинителство тоа би требало да го третираат како злостор со предумисла, а виновниците да ги изведат пред лицето на правдата. Тој злостор е сè уште во тек и нема изгледи наскоро да престане.

Клучни зборови: