Рубрика: Биологија
Како настанува бојата на есенското лисје?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.11.2021 - 16:00

Накратко, наесен лисјето ги добива боите на пигментите содржани во него – каротеноиди и антоцијани, коишто преку лето остануваат скриени од зеленилото на хлорофилот. За тоа како се добива секоја од есенските бои на лисјето... читајте понатаму wink

Жолта до портокалова боја. Зелените лисја наесен стануваат жолти, портокалови, црвени, кафеави... Која е причината за оваа експлозија од бои во природата? Според Дејвид Ли, од Меѓународниот универзитет во Флорида, кој ја истражува бојата на лисјето уште од 1973 година, листот ја добива бојата по пат на субстракција, слично како што функционира и мешањето на пастелните боички (кај нас популарно наречени мрсни боички).

Клетките на листовите содржат каротеноиди – истите хемиски пигменти што се одговорни за портокаловата боја на морковот и за жолтата боја на пченката. Овие пигменти, сепак, на пролет и лете остануваат невидливи, скриени под зелената боја на хлорофилот, хемискиот пигмент кој ја “лови” енергијата на сонцето. Наесен, кога листовите се ближат кон крајот на својот животен циклус, количината на хлорофилот во нив се намалува и се открива бојата на другите пигменти, кои обично се скриени од зеленилото на хлорофилот. Притоа, жолто-портокаловата боја на каротинот станува доминантна.

 

Црвена до виолетова боја. Сепак, растенијата произведуваат и други пигменти, антоцијани (од грчкиот anthos = цвет и kyàneos = сина), кои имаат црвено-сина нијанса и функциoнираат како “заштитен фактор“ против некои од ултравиолетовите зраци. Тие се исто така одговорни и за сината боја на голем број овошки, како боровинките, на пример. Кога коегзистираат хлорофилот и антоцијаните, бојата на листовите може да се претвори во бронзена, како што е случај кај јасенот. Но, во доволно високи концентрации, антоцијаните прават листот да изгледа речиси виолетово, како кај јапонските јавори.

 

Сива боја. Конечно, посивите есенски бои се формираат кога листовите се целосно мртви, бидејќи настанува деградација на хлоропластите, клеточните тела што содржат хлорофил. И кога листовите потполно ќе се сушат, пигментите се врзуваат и формираат нешто што Дејвид Ли го нарекува “кафеава каша“.

Клучни зборови: