Не требаше долго да чекаме, само 10 дена беа доволни за да го видиме ефектот на укинувањето на сите мерки за баровите, ноќните и диско клубовите. Дневниот број на случаи фати чекор со нагорната линија на трендот (зелената линија на првиот дијаграм), а седумдневната подвижна средина (портокаловата линија на истиот дијаграм) повторно се сврти нагоре.
Но, не се само вкупните дневни броеви важни. Уште поважно е што, според МЗ, најголем неделен прираст на бројот на случаи има кај возрасната група од 20 до 29 години, што е најјасниот индикатор каде се случува главното заразување во моментот.
На вториот дијаграм гледаме дека 7-дневната (брза) подвижна средина повторно ја пресече оддолу нагоре 14-дневната (бавна) подвижна средина, што е потврда за забрзаниот раст на дневните броеви.
Можеби најалармантно изгледа третиот дијаграм, стапката на позитивни тестови и нејзината подвижна средина (сината и црвената линија), коишто исто така сé пострмо растат и практично се достигнати августовските нивоа. Бранот на делта сојот продолжува таму каде што подзапре, но може да се каже и дека дури сега вистински започнува. Броевите денеска просто експлодираа во Битола, но и во Скопје и Тетово, што значи дека ни августовската прележаност не беше доволна и делта сојот ќе мора да се допрележи есенва при есенска преносливост.
Ефективниот репродукциски број последниве седум дена исто така се зголемува, но сепак е далеку од неговите лански вредности (1,5) во истиот период од годината.
Јасно е дека бранот започнува да извишува. Можеби топлото време неделава ќе успева да го држи за узда, но и тоа нема вечно да трае. На сите им е јасно, само на нашите здравствени власти не им е јасно дека сме во нагорен тренд. Уште на 15.10 беше потврден минимумот од 8.10 и почетокот на новиот раст. Тие, пак, гледале само некаков распон од 300 – 400 случаи на ден, не знаеле дали броевите ќе растат или ќе опаѓаат и сметале дека токму сега (пред вториот круг на локалните избори) е вистинскиот момент за отворање на ноќните и диско клубовите, најопасните места за ширење на заразата.
Засега единствениот дијаграм којшто изгледа смирувачки е фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи, на петтата слика). Таму гледаме дека почетокот на овој бран ја нема истата стрмина, како на почетокот на августовскиот бран (црвената стрелка искачува помалку стрмо од портокаловата). Тоа значи дека темпото на додавање нови случаи засега не резултира со толку брзо додавање активни случаи како во август. Разбирливо, тоа е поради засега релативно невисокиот ефективен репродукциски број Rt, па затворањето на старите случаите може да го следи отворањето нови без големо трупање активни случаи. Да видиме дали ова ќе биде одржливо на подолг рок.
Исто така, стапката на хоспитализираност не е многу висока. Моментално хоспитализирани има околу 7,1% од бројот на активни случаи, што е значително помалку од досегашните бранови, кога оваа стапка изнесуваше 10-11%. Вакцините сепак вршат добра работа, колку што се може при овој недоволен опфат со вакцинација. Бројот на хоспитализирани изгледа исто така го достигна својот минимум и се спрема за нов раст.
Останува да видиме дали можеме да го избегнеме бугарското сценарио со експлозивен раст на случаите и истовремено висок број на починати. Кај нас опфатот со вакцинација сепак е малку повисок отколку во Бугарија, па ако ништо друго, барем дневниот морталитет отсега натаму не би требало да биде толку висок.