Пандемијата донесе брза и обемна промена во многу области од животот на сите – брз подем интернетот, дигитализацијата, учењето од далеку, работата од дома... Но, се чини дека донесе и еден несакан ефект – придонесе студентите почесто да посегнуваат кон плаќање за друг да им ги изработи семинарските/дипломските па и други проектни трудови и задачи со цел “полесно” или поуспешно да ги “исчистат” и поминат нивните академски предмети и студии.
Токму ова го открива истражувањето на двајца професори, Џон Мејсон и Гузиал Хил, од австралискиот Универзитет Чарлс Дарвин. Истражувањето открива дека овој тип на мамење со договор, при што еден студент му плаќа на некој друг за тој да ги заврши неговите проектни обврски, бележи пораст за време на пандемијата како начин за да се измамат онлајн оценувањата.
Со цел да го проучат овој “феномен” еден од истражувачите претставувајќи се како студент анонимно барал веб-услуги од глобалните “сервиси” за вакво мамење со договор. Добар дел од нив успевале да ги измамат онлајн системите усвоени за време на пандемијата, така што мамењето se чини дека премина од едноставно “пишување за друг“ /‘ghost-writing’ во “студирање за друг“/‘ghost-studying’.
Иако ова можеби изгледа како лесен начин да се “протрча” низ универзитетското образование за време на една навистина тешка година исполнета со предизвици, според Хил во оваа “трка” нема вистински победник кога таа се минува преку мамење со договор.
Како што тој вели: “Откако студентите [ќе дипломираат и] ќе навлезат во професијата, тие не се способни да ги извршуваат задачите затоа што пропуштиле да се стекнат со потребните знаења и вештини, па затоа страда и професионалната заедница“.
Покрај ова биле забележани и мноштво случаи кога на студентите што платиле им била ветена готова проектна задача, но таа никогаш не пристигнала на нивната имејл адреса. А бидејќи свесно се впуштале во мамење, не смееле да се пожалат никому поради страв да не бидат пријавени на универзитетот, кој во сериозни држави ваквите појави ги санкционира особено остро, некогаш и со ставање крај на можноста за студирање на ваквиот студент на кој и да е солиден универзитет.
Авторите велат дека мамењето со договор е глобален проблем и бараат од академиците и универзитетите ширум светот заедно да се справат со овој метод на мамење. Како што тие објаснуваат појавата не е вина или единствена одговорност на еден универзитет. Предавачите и академиците честопати се потпираат на алатки за откривање плагијати, од типот на Турнитин, на пример, но истражувањата откриваат дека постојат попаметни уреди кои можат да ги надмудрат овие алатки.
Според нив за да се реши овој проблем потребно е да се воспостави некој модел на соработка помеѓу универзитетите бидејќи сите имаат подеднаква одговорност да се обидат да го идентификуваат и да помогнат во решавањето на овој глобален проблем.