Рубрика: На граница на науката
Луѓе на Месечината – подвиг или измама? (11)
Автор: Владимир Филевски
Објавено на 22.10.2021 - 13:15

Дали Стенли Кубрик го режирал лажното спуштање на луѓе на Месечината?

Во 1969 година човештвото направи голем подвиг – двајца астронаути од Мисијата Аполо 11 се спуштија на Месечината на 20 јули и зачекорија по неа на 21 јули 1969 година! Тој триумф на науката и човечкото херојство малку подоцна иницираше една неочекувана и чудна појава – теорија на заговор дека астронаутите не се спуштиле на Месечината и дека тоа е една голема измама на НАСА!? Во оваа серија статии анализираме (и демантираме) повеќе поединечни теми од оваа теорија на заговор, за да може заинтересираните полесно правилно да се информираат, а и да им овозможиме пофокусирано да дискутираат на нашата фејсбук страница за конкретната тема. Во овој единаесетти дел од серијата зборуваме за темата: „Објективот од НАСА и интервјуто со Стенли Кубрик“.

11. Објективот од НАСА и интервјуто со Стенли Кубрик

На почетокот да исправам една грешка која постојано се провлекува низ сите наши печатени и електронски медиуми – презимето на славниот режисер Stanley Kubrick не се чита Кјубрик, туку Кубрик. Според правилата за транслитерација, исто така треба да пишуваме Кубрик, а не Кјубрик. Но што да правиме сега, кога погрешното пишување Кјубрик е толку раширено и фатило корени? Признавам, во минатото и јас, по инерција, ја правев истата грешка. Сепак, јас секогаш сум приврзаник на исправање на грешките, па во оваа статија ќе го користам правилното пишување: Кубрик.

Да се вратиме на нашата тема: „верниците“ во теоријата на заговор дека астронаутите не стапнале на Месечината, во 2015 година добија уште една голема инфузија наркотични лаги во своите халуцинации, овојпат радувајќи се на илузијата дека го имаат „крунскиот доказ“ – наводното признание на Стенли Кубрик! И претходно циркулираше лагата дека Стенли Кубрик, славниот режисер на „Одисеја 2001“, во студио го снимал спуштањето на астронаутите на Месечината, но „доказот“ беше слабичок – „верниците“ велеа дека тој побарал од НАСА објектив со голема светлосна моќ (f:0,7) за да ги сними астронаутите во студиото.

Ова е многу глупаво објаснување – зошто би му бил потребен таков објектив, кога астронаутите (требало да) се снимаат за време на месечевиот ден, кога Сонцето силно ги осветлува сите предмети?! Дури и да се снима слична сцена во студио, осветлувањето мора да биде доволно силно (филмската лента е истата!), за да дава привид дека се случува дневно време на површината на Месечината. За такво нешто доволен е стандарден објектив со средна светлосна моќ, односно бленда еднаква на f:5,6. А токму таков бил објективот Zeiss Biogon f:5.6/60 mm од фотоапаратот Hasselblad 500 EL со кој астронаутите фотографирале на површината од Месечината!

Повторно гледаме дека тие „верници“ не ги знаат ни основните работи од секојдневниот живот – во овој случај не го знаат она што го знае секој почетник во фотографијата! Би им препорачал на тие „верници“ да ги прочитаат книгите наменети за апсолутни почетници во фотографијата: The Complete Idiot's Guide to Photography Essentials или Photography for Dummies . Таму ќе прочитаат и научат колкава експозиција, бленда и осетливост на филмот/сензорот треба да одберат за снимање преку ден – сеедно дали е на Земјата или Месечината.

Слика 1: Објективот Zeiss Planar 50 mm f/0,7

Па зошто тогаш му бил потребен тој „вселенски“ објектив на Кубрик? Причината е „приземна“ а не „вселенска“ – за снимање на некои сцени од филмот Barry Lyndon! Снимањето на овој филм почнало во 1973 година, кога Аполо мисиите веќе одамна биле завршени (последниот Аполо 17 се вратил на Земјата во 1972 г.)! Дејствието на филмот се одвива на почетокот од втората половина на 18. век, кога немало електрично осветлување – единствениот извор на светло биле свеќите. Познат по својот перфекционизам, Кубрик не сакал да прибегне кон вообичаениот трик на кинематографите – жолто обоени филтри ставени пред рефлекторите за општото осветлување, а запалените свеќи во кадарот само како назнака за атмосферата. Кубрик го сакал она вистинското – единственото осветлување да потекнува само од свеќите. А тоа било невозможно со тогашните објективи во камерите, дури и при максималната можна осетливост од 100 ISO/ASA со која располагале тогашните филмски ленти (Kodak 100T 5254). Затоа Кубрик се обратил, логично, до најпознатиот светски производител на објективи Zeiss, а не до НАСА! Од Zeiss му одговориле дека објектив со најголема светлосна моќ што го имаат е Planar 50mm/f:0,7 што бил претходно нарачан од НАСА за некои специфични потреби на Аполо мисиите. Биле изработени само 10 вакви објективи, од кои НАСА купила 6, а еден бил задржан за музејот на Zeiss – слика 1. Останале уште три објективи, што Zeiss му ги понудил и продал на Кубрик.

Слика 2: Модификацијата на објективот Planar 50mm f/0,7 во широкоаголен 36,5 mm f/0,7. Првите три леќи лево е фокалниот редуктор Kollmorgen, а десно е објективот Planar 50mm f/0,7.

Објективот Zeiss Planar 50mm/f:0,7 не можел директно да се монтира на филмската камера Mitchell BNC што ја користел Кубрик (и сите останати најголеми кинематографски имиња), па затоа Кубрик побарал помош од Cinema Products Corporation, фирма специјализирана за кинематографски уреди и опрема. Директорот на Cinema Products Corporation, Edmund DiGiulio ја модифицирал кинематографската камера Mitchell BNC за да може да се намонтира на неа објективот Planar 50mm/f:0,7 и направил уште некои модификации во механичкиот дел на објективот, како што била екстракцијата на Compur затворачот/ирисот и изработка на фокусирачки навој со многу пофин чекор. Кубрик бил многу задоволен од резулатите, но бидејќи за некои сцени му требал и широкоаголен објектив, побарал да се направи модификација за вториот објектив (од трите), со цел да се добие намалување на фокусното растојание, но притоа да се задржи истата голема светлосна моќ. DiGiulio го решил и тој проблем, многу едноставно – пред Zeiss објективот додал фокален редуктор (focal reducer) од фирмата Kollmorgen, добивајќи на тој начин објектив со 36,5mm/f:0,7 – слика 2. Воодушевен од резулатот, Кубрик побарал третиот објектив да се модифицира во широкоаголен со уште помала фокусна должина. Повторно, DiGiulio успеал во тој потфат и по модификацијата третиот објектив имал фокусно растојание од само 24 mm, но оптичките аберации биле преголеми, па Кубрик одлучил сепак да не користи овој модифициран трет објектив.

Целата приказна за овој инженерски потфат со модификацијата на објективите е документирана во списанието American Cinematographer во бројот од март 1976 година .

Слика 3: Градбата на Zeiss објективите UR 70mm f/1 (лево) и Planar 50mm f/0,7 (десно).

Но кој е „таткото“ на оригиналниот објектив Zeiss Planar 50mm/f:0,7 и како се дошло до таа рекордна светлосна моќ? НАСА имала потреба од објектив со голема светлосна моќ за некои специфични намени за Аполо мисиите и затоа се обратила до фирмата Zeiss. Главниот оптички инженер на Zeiss во тоа време бил Erhard Glatzel, кој бил првиот што користел компјутер за оптичките пресметки, конкретно во овој случај mainframe компјутерот IBM 7090, во тоа време еден од најмоќните компјутери на светот (со тогашна цена еквивалентна на денешните 20 милиони долари!). Со помош на тој компјутер, времето потребно за оптичките пресметки драстично се намалило, па Glatzel успеал уште во 1966 година да го направи конечниот оптички дизајн на објективот Planar 50mm/f:0,7. Пред да започне со пресметките, на Glatzel како почетен дизајн му послужил стариот Zeiss UR-Objektiv 70mm/f:1 од 1941 година, што бил користен од германската армија во Втората светска војна. Иако двата објектива имаат многу слична оптичка конструкција – Doppel Gauss објектив со Luboshez конвергирачка леќа и Piazzi-Smyth коректор (слика 3), разликата во светлосната моќ е огромна – дури двојно поголема кај Planar 50mm/f:0,7 (објектив со f:1 собира само половина количество светлина отколку објектив со f:0,7 и му треба двојно подолга експозиција!). Тука на дело се покажаа предностите на компјутерските методи на оптимизирање (воведени од Glatzel) и новите видови стакла, што донесоа голем напредок во перформансите на оптичките системи.

Теоријата на заговор „НАСА му го дала објективот на Кубрик за да лажира слетување на Месечината“ иако е во форма на само една кратка реченица, сепак е безнадежно прекомплицирана и „верниците“ мораат со секој нов откриен факт да ја прошируват, до бесконечност! Се обложувам дека ниту еден од „верниците“ не чул за модификацијата на Zeiss објективот од страна на DiGiulio ... како и за многу други работи! Гледаме дека, според оваа теорија на заговор, НАСА морала не само да го плати Кубрик за снимањето, туку и за молчењето, и тоа не само неговото, туку и на целата филмска екипа. Освен тоа, НАСА морала да го плати молчењето и на вработените од фирмата Cinema Products Corporation, на чело со нивниот директор Edmund DiGiulio, кои ја направиле модификацијата на објективот. Кругот на луѓе кои НАСА морала да ги потплати се проширува до неиздржливо големи бројки. Дури ни НАСА не е толку богата! Башка што некои луѓе не можат да се купат – за ниту една цена.

На сите би им препорачал да го видат филмот Barry Lyndon, по можност на голем ТВ приемник, во благо замрачена соба. Иако дејството на филмот по малку е споро, визуелното доживување е магично (особено сцените осветлени само со свеќи)  и не може да се опише со зборови, мора да се види. Во 1976 година за овој филм директорот на фотографија John Alcott доби Оскар од Американската филмска академија, а Стенли Кубрик награда за најдобар режисер од Британската филмска академија.

Сцени од филмот Бери Линдон

Откако ја разобличив глупоста со „објективот од НАСА“, да ја објаснам хистеријата која се прошири по YouTube видеото со наводното видео-интерву со Стенли Кубрик каде тој го признава своето злодело – дека во студио го лажирал спуштањето на астронаутите на Месечината. Видео-интервјуто (или документарниот филм, попрецизно), насловено како Shooting Stanley Kubrick, е објавено на YouTube во декември 2015 година, од страна на режисерот и снимателот T. Patrick Murray. На интернет кружат неколку верзии на ова YouTube видео, а го има и во верзија со околу 44 минути времетрање, авторизирано лично од Murray (види тука ) – една крајно иритантна, хаотична монтажа на кратки кадри од некои филмови, измешани со испосечени делови од наводното интервју со Кубрик. Сепак, најбројни се енормно скратените верзии долги само две-три минути (подготвени од најзапалените „верници“ во теориите на заговори), во кои е издвоено само „признанието од Стенли Кубрик“ – дека спуштањето на астронаутите на Месечината всушност тој лично ги снимил во студио. Очигледно, на потпросечно интелигентната публика тоа ѝ е потполно доволно за да биде наивно заведена, без да се помачи да ја одгледа нескратената верзија.

Наводно, видео-интервјуто е направено на 3 март 1999 (така стои во самиот „документарец“, верзијата од 44 минути), само 4 дена пред смртта на Кубрик. „Документарецот“ започнува со објаснувањето од режисерот Murray како, преку некои свои познанства, успеал да договори интервју со Кубрик, по што бил принуден да потпише договор за тајност (Non Disclosure Agreement – NDA) со кој се обврзува интервјуто да го објави дури 15 години по неговата смрт. И каква „случајност“ – само 4 дена по ова интервју Стенли Кубрик починал ненадејно, од срцев удар!? Што е уште поважно, Кубрик починал само 6 дена откако ја направил првата верзија на монтажата на филмот Eyes wide shut (со Том Круз и Никол Кидман). Сето тоа со видео-интервјуто е многу сомнително – секој кој барем нешто малку знае за процесот на создавање филмови, свесен е дека монтажата на филмот е долготраен, итеративен процес, кој дополнително може да се закомплицира ако продуцентите од филмската компанија инсистираат некои сцени да се заменат, изменат или избришат. Значи, Кубрик само што ја завршил монтажата на филмот, нетрпеливо чекајќи што ќе кажат големците од Warner Brothers, и среде тоа напнато исчекување, туку-така комотно одлучил да го повика анонимниот американски режисер да го направи интервјуто со него?! Само екстремно наивен човек може да поверува во оваа провидна лага!

За да можеме правилно да го анализираме овој документарен филм, ќе мораме мазохистички да го истрпиме гледањето на (пре)долгата, „финална, сирова“ целосна верзија на интервјуто насловено како KUBRICK RAW EDIT FIN во епско траење од 1 час, 20 минути и 58 секунди (1:20:58), објавена на 3 ноември 2016, лично од режисерот Murray. Или, што е многу похумано, да ја анализираме скратената верзија односно 18 минутниот исечок достапен на youtube

Она што го нема во оваа пократка верзија, а го има во најдолгата, е називот на филмот (Stanley Kubrick interview) и датумот на снимање (5-99), што се напишани во долниот десен агол. Забележавте? Месец 5 (мај), година 1999! А Стенли Кубрик починал на 7 март 1999 година! Не, не е грешка, намерно е ставен петтиот месец – ќе ви објаснам подоцна.

Да започнеме прво со режисерот T. Patrick Murray. Кој е овој Murray, сте чуле ли за него? Тој е никој и ништо – анонимно режисерче, чиј најголем дострел во животот пред „интервјуто со Кубрик“ му бил еден просечен документарен ТВ филм со спортска тематика – The last game, издаден во далечната 2002 година. Па како такво анонимно режисерче добило интервју со Стенли Кубрик, кога тоа не им успеало ниту на најголемите светски режисерски имиња? Веднаш тука на почетокот, уште пред да почнеме да го гледаме „документарецот“, станува многу, многу сомнително – знаеме дека Кубрик ги одбивал сите интервјуа, а сега наеднаш се сложува да даде интервју на некојси тотално непознат американски режисер?!

Следното нешто што е многу сомнително е што ликот на Кубрик (или „Кубрик“) е снимен во невообичаено крупен план и само со странично осветлување од еден рефлектор – практично се гледа само дел од половина од неговата глава. И покрај овој перфиден обид за измама, тој лик воопшто не личи на вистинскиот Стенли Кубрик, ниту го има неговиот глас. Споредете со снимката на обраќањето на вистинскиот Стенли Кубрик од 1997 година (со интродукција од Џек Николсон), по повод добивањето на наградата за животно дело D. W. Griffith од страна на Здружението на режисери:

Ако ова не ви е доволно, следат уште поочигледни разобличувања! На почетокот од интервјуто, Murray понизно му се заблагодарува на „Кубрик“ за можноста за интервју, искажувајќи длабоко почитување на големината на неговото дело. А по некое време, незадоволен, па дури и изнервиран, повремено го прекинува „Кубрик“, па дури и му сугерира како требал да го каже тоа што го кажува!? Замислете, анонимно режисерче го кара Стенли Кубрик како и што треба да каже!? А особено обрнете внимание на деловите што почнуваат на 5:02 и 12:26 – изнервиран, Murray му се обраќа на „Кубрик“ со името Том!!! Па кој е тој Том? Тоа е непознатиот актер Tom Mayk – така е наведен во најголемата база на светот за филмови IMDb, како актер во документарниот филм Shooting Stanley Kubrick (Shooting Stanley Kubrick)!

Мислам дека сега сè ви е јасно – ова не е документарен (documentary) филм, туку спаѓа во релативно новиот жанр наречен mockumentary филм! Називот mockumentary доаѓа од фузијата на два англиски збора: mock+documentary, односно тоа е пародија на документарен филм (mock = исмевање). Со други зборови, режисерот T. Patrick Murray се потсмева со празноглавите „верници“ во теориите на заговор! А сепак дава доволно траги за лесно да препознаеме дека ова е mockumentary – непознат режисер добива интервју од Кубрик; датумот на снимање стои дека е мај 1999, а Кубрик починал во март 1999; актерот што го глуми Кубрик сепак не личи доволно на него и затоа е снимен во екстремно крупен (гро) план, нефокусирано и со само еден страничен рефлектор; Murray повремено го кара „Кубрик“ како и што треба да каже; и ако сето ова до сега не беше недоволно, во две прилики брадосаниот актер го нарекува со неговото вистинско име – Том! Но и покрај ова, сепак огромен број луѓе наивно наседнаа на шегава.

Бонус видео: Сценаристот и режисер S. G. Collins ги разоткрива сите теории дека слетувањата на Аполо на Месечината се лажирани во студио. Тој прави анализа на видеотехниката од крајот на 1960-тите и докажува дека наводната измама едноставно не е можна.


Линк за дискусија:
https://www.facebook.com/EmiterSpisanie/posts/pfbid0LEgN6jckXAKTcFBuCaaL...

 

Клучни зборови:
Дали Стенли Кубрик го режирал лажното спуштање на луѓе на Месечината?

Дали Стенли Кубрик го режирал лажното спуштање на луѓе на Месечината?

Слика 1: Објективот Zeiss Planar 50 mm f/0,7.

Слика 1: Објективот Zeiss Planar 50 mm f/0,7.

Слика 2: Модификацијата на објективот Planar 50mm f/0,7 во широкоаголен 36,5 mm f/0,7. Првите три леќи лево е фокалниот редуктор Kollmorgen, а десно е објективот Planar 50mm f/0,7.

Слика 2: Модификацијата на објективот Planar 50mm f/0,7 во широкоаголен 36,5 mm f/0,7. Првите три леќи лево е фокалниот редуктор Kollmorgen, а десно е објективот Planar 50mm f/0,7.

Слика 3: Градбата на Zeiss објективите UR 70mm f/1 (лево) и Planar 50mm f/0,7 (десно).

Слика 3: Градбата на Zeiss објективите UR 70mm f/1 (лево) и Planar 50mm f/0,7 (десно).

Сцени од филмот Бери Линдон

Сцени од филмот Бери Линдон

Сцени од филмот Бери Линдон

Сцени од филмот Бери Линдон

Дали Стенли Кубрик го режирал лажното спуштање на луѓе на Месечината?

Дали Стенли Кубрик го режирал лажното спуштање на луѓе на Месечината?