Рубрика: Телекомуникации
Влијание на зрачењата од ТК уредите врз здравјето на луѓето
Автор: Андријана Кухар
Објавено на 20.10.2021 - 12:15

Во последните неколку децении се случува брз пораст на бројот и можностите на мобилните телекомуникациски уреди, како и континуиран развој на нови генерации на мобилни мрежи кои го користат РФ-опсегот. Заедно со тоа во јавноста расте појавата на контроверзии, заблуди и загриженост околу ефектите врз живите организми од изложеноста на РФ ЕМП од базните станици и од мобилните телефони. Со цел да дадеме научно поткрепени одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста на оваа тема, изработивме научна монографија со наслов „Влијанието на зрачењата од телекомуникациските уреди и технологии врз здравјето на луѓето и околината – животната средина која нè опкружува (4G, 5G итн.)“.

Во современото живеење, како последица од брзиот развој на технологијата, изложеноста на човековата околина на електромагнетни полиња (ЕМП) секојдневно се зголемува, па во јавноста сè почесто се поставуваат прашања за безбедноста на човекот при таква зголемена изложеност. Електромагнетните полиња се среќаваат во многу широк опсег на фреквенции – од нискофреквенциските полиња кои потекнуваат од далноводи, електрични апарати, машинерија итн., па сè до најшироко распространетите радиофреквенциски (РФ) полиња. Некои од најважните извори на РФ ЕМП се мобилните телекомуникации, други видови безжични комуникациски системи, телевизиска и радиодистрибуција, РФ-комуникација на полициски и противпожарни екипи, итн. Во последните неколку децении се случува брз пораст на бројот и можностите на мобилните телекомуникациски уреди, како и континуиран развој на нови генерации на мобилни мрежи кои го користат РФ-опсегот. Заедно со тоа во јавноста расте појавата на контроверзии, заблуди и загриженост околу ефектите врз живите организми од изложеноста на РФ ЕМП од базните станици и од мобилните телефони.

Со цел да дадеме научно поткрепени одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста на оваа тема, изработивме научна монографија со наслов „Влијанието на зрачењата од телекомуникациските уреди и технологии врз здравјето на луѓето и околината – животната средина која нè опкружува (4G, 5G итн.)“. Монографијата ја изработи меѓународен тим во кој соработував со колегата вон. проф. д-р Валентин Раковиќ од Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ од Скопје, д-р Гајшек Петер и д-р Валиќ Блаж од Институт за нејонизирачко зрачење (ИНЗ), Љубљана, Словенија и м-р Черне Томаж од Игеа, Словенија, а иницијативата за нејзина изработка ја започна д-р Борис Арсов, раководител на секторот за телекомуникации на Агенцијата за електронски комуникации – АЕК, кон крајот на минатата година. За проценка на тековната состојба во земјава, беа извршени мерења на просечната изложеност на РФ ЕМП во подрачјето на Скопје. Со оглед на тоа што оваа област на истражување е многу широка, публикувавме обемна научна монографија од 187 страници, во македонска и англиска верзија. Изработивме и компактна верзија на монографијата во вид на информативна брошура од 35 страници. Издавач на монографијата е АЕК, а може да се преземе од https://aek.mk/vlijanie-na-zracenjeto/.

 

Преглед на содржината на научната монографија

Монографијата „Влијанието на зрачењата од телекомуникациските уреди и технологии врз здравјето на луѓето и околината – животната средина која нè опкружува (4G, 5G итн.)“ е напишана во 8 поглавја, а започнува со дефиниција на основните величини од областа на електромагнетното поле и зрачење и објаснување на начините на интеракција на различните видови полиња од човековата околина со биолошките ткива и системи. Преку темелна анализа на релевантните научни публикации од областа, направен е обид за изведување на научно поткрепени, објективни заклучоци за потенцијалните здравствени последици по човековото здравје што би можеле да потекнуваат од изложеност на нискофреквенциски и радиофреквенциски ЕМП. Анализата се фокусира на влијанија врз нервниот систем и врз когнитивноста, кардиоваскуларниот и ендокриниот систем, репродуктивниот систем и плодноста, ракот, итн. Од множеството технологии што го користат радиофреквенцискиот спектар, акцентот е ставен на мобилните комуникациски технологии. Објаснети се научните поставки врз база на кои меѓународните експертски тела ги поставуваат граничните вредности на изложеност на РФ ЕМП и презентирани се во детали европските и меѓународните стандарди и препораки во однос на изложеноста на РФ ЕМП.

Во понатамошните поглавја од монографијата e даден преглед на различните генерации мобилни мрежи – 2G, 3G и 4G, од аспект на радиоинтерфејсот и дизајнот на физичкото ниво. Опишана е техничката спецификација на 5G-технологијата и разликите со претходните генерации на мобилни комуникациски системи. Особено внимание е посветено на анализа и споредба на иззрачената и приемната моќност кај 5G-технологијата со претходните технологии на мобилни комуникациски системи. Објаснета е улогата на АЕК како регулаторно тело во делот на давање насоки на операторите при изградба на мрежите и мониторирање на нивното влијание врз околината, а притоа се земени предвид граничните вредности на иззрачената и приемната моќност и изложеноста на РФ-зрачење дефинирани согласно светските стандарди. Нагласена е важноста на просторното планирање, дизајн и конструкција за одржлив развој на мобилната инфраструктура. Презентирани се во детали резултатите од извршените мерења на  интензитетите на РФ ЕМП на територијата на Скопје и споредени се со граничните дозволени нивоа на изложеност.

Во завршниот дел од монографијата, анализирани се клучните бариери при изведбата на нови мобилни мрежи како што е 5G-технологијата, со предлог-насоки за проактивна комуникација и мерки за претпазливост во однос на изложеноста на РФ-електромагнетно зрачење. Дадени се препораки во однос на начинот на поставување на нова инфраструктура од мобилните оператори во човековата околина.

 

Заклучоци од истражувањето

Во електромагнетниот спектар, само ЕМП со фреквенции над 1016 Hz (рендгенските зраци и гама-зраците) носат доволна количина електромагнетна енергија за да можат да предизвикаат јонизација на биолошките ткива, односно прекин на молекуларните врски во ткивата (видете слика 1). РФ ЕМП се нејонизирачки полиња со фреквенциски опсег од 3 kHz (3×10³ Hz) до 300 GHz (300×109 Hz) и немаат доволно енергија за да предизвикаат јонизација на ткивата. 

Слика 1: Распределба на фреквенциските опсези од електромагнетниот спектар – јонизирачко и нејонизирачко поле

Резултатите од тековните научни истражувања за можните здравствени ризици од изложеност на РФ ЕМП покажуваат дека нема евидентни негативни здравствени ефекти доколку изложеноста остане под граничните дозволени нивоа на изложеност утврдени со сегашните меѓународни упатства. Темелното испитување на сите релевантни податоци од експертите на меѓународни тела за стандардизација не доведе до заклучок дека РФ ЕМП се опасни за биолошките системи. Официјалната гледна точка на Светската здравствена организација е дека со оглед на многу ниските нивоа на изложеност и резултатите од истражувањата собрани до денес, нема убедливи научни докази дека слабите РФ-сигнали од базните станици и безжичните мрежи предизвикуваат негативни здравствени ефекти. Сепак, од страна на мнозинството релевантни организации се препорачува понатамошно истражување, особено во областа на долгорочна изложеност на РФ ЕМП и потенцијалните ризици од изложеност на повеќе извори на ЕМП.

Што се однесува до проценката на состојбата во нашата земја, беа извршени мерења на изложеноста на РФ ЕМП на 21.705 локации на подрачјето на Скопје. Распределбата на избраните локации може да се види на слика 2. Притоа, како што може да се забележи од табелата 1, резултатите од извршените мерења покажаа дека просечните изложености се многу ниски, а вкупната вредност е само 0,2 % од дозволените вредности. Најголем придонес во висината на просечните вредности има фреквенцискиот опсег на FM радиомрежата.

Слика 2: Локации на РФ ЕМП мерења (агрегирани со 10 m чекор). Црвените крстови претставуваат FM и DVB-T предаватели

Табела 1: Максимален и просечен индекс на изложеност (EI) во проценти од упатствата на ICNIRP 1998 и препораки на ЕУ 1999 за сите измерени фреквенциски опсези заедно со вкупната вредност на EI

Што би се променило со воведувањето на 5G-технологијата?

Со појавата и развојот на нови генерации на мобилни мрежи кои користат фреквенции од РФ-спектарот, дискусијата за изложеноста на РФ електромагнетно зрачење и можните здравствени ризици станува сè поинтензивна. Тензијата, па дури и стравот од нови технологии е присутна во јавноста со векови. Научниците и креаторите на нови откритија и технологии отсекогаш се соочувале со отпор при нивното докажување и реализација. Таков е случајот и со новата технологија на мобилни комуникациски системи, 5G. Во јавноста често се поставува прашањето дали новата генерација на мобилни мрежи, 5G, ќе ја зголеми изложеноста на РФ-зрачење во непосредната околина на човекот.

Заклучоците поврзани со здравјето на човекот при негова изложеност на РФ ЕМП се извлекуваат од истражувања на влијанието на ЕМП од целиот РФ-спектар, но досега се спроведени само неколку студии на фреквенциите што треба да ги користи 5G. Меѓутоа, воведувањето нова технологија којашто користи постоечки радиофреквенции не ги менува карактеристиките на фреквенциите. Фреквенцискиот опсег 5G не е нов и се користи долго време, на пример, кај безбедносните скенери на аеродромите, радарите за мерење брзина на автомобили, микробрановите комуникациски линкови итн. Со додавањето на 5G-опремата на постоечките телекомуникациски мрежи може да се очекува одреден мал пораст во вкупната изложеност на РФ ЕМП, но се очекува дека вкупната изложеност ќе остане ниска и далеку под граничните нивоа на препораките на меѓународните тела за стандардизација, во кои се опфатени фреквенции до 300 GHz, односно ги опфаќаат фреквенциите на 5G.

Главниот механизам на интеракција помеѓу РФ ЕМП и човечкото тело е загревање на ткивата. Нивото на изложеност на РФ од сегашните технологии резултира со незначителен пораст на температурата во човечкото тело. Со зголемувањето на фреквенцијата, има помало навлегување во ткивата на телото и апсорпцијата на енергијата станува повеќе ограничена на површината на телото (кожата и очите). Во денешно време, огромна е популарноста на користењето мобилни телефони кај помладите луѓе, во долги временски интервали на изложеност, па поради тоа Светската здравствена организација продолжува да промовира понатамошни истражувања за изложеноста на оваа специфична група. Во тек се неколку студии кои ги истражуваат потенцијалните здравствени ефекти од изложеност на РФ ЕМП кај децата и адолесцентите.

Од друга страна, со сигурност може да се каже дека технологијата 5G нема никаква врска со КОВИД-19. Откриено е дека КОВИД-19 е вирус, мутиран од друг веќе постоечки вирус, кој во повеќето случаи ги напаѓа човечките респираторни органи. Нема научна основа да се разгледуваат шпекулациите дека технологијата 5G е на кој било начин поврзана со вирусот КОВИД-19.

Доц. д-р Андријана Кухар, ФЕИТ, Скопје

Датотеки за преземање:
 
Клучни зборови:
Слика 1: Распределба на фреквенциските опсези од електромагнетниот спектар – јонизирачко и нејонизирачко поле

Слика 1: Распределба на фреквенциските опсези од електромагнетниот спектар – јонизирачко и нејонизирачко поле

Слика 2: Локации на РФ ЕМП мерења (агрегирани со 10 m чекор). Црвените крстови претставуваат FM и DVB-T предаватели

Слика 2: Локации на РФ ЕМП мерења (агрегирани со 10 m чекор). Црвените крстови претставуваат FM и DVB-T предаватели

Табела 1: Максимален и просечен индекс на изложеност (EI) во проценти од упатствата на ICNIRP 1998 и препораки на ЕУ 1999 за сите измерени фреквенциски опсези заедно со вкупната вредност на EI

Табела 1: Максимален и просечен индекс на изложеност (EI) во проценти од упатствата на ICNIRP 1998 и препораки на ЕУ 1999 за сите измерени фреквенциски опсези заедно со вкупната вредност на EI