Специјална смеша на цемент збогатена со јаглерод и други материјали овозможува акумулирање на енергијата како кај обичните батерии на полнење.
Замислете си батерија на полнење голема колку цела зграда, способна за складирање и зачувување огромни количини енергија која била добиена од обновливи извори, како што се сонцето или ветерот, а која ќе може да се користи кога е најпотребно.
Двајца истражувачи од Технолошкиот универзитет Чалмерс во Гетеборг (Шведска), Ема Жанг и Лупинг Танг, успеале да развијат револуционерна формулација на обичниот цемент којашто овозможува внатрешните и надворешните sидови и подовите да се користат како огромни акумулатори.
Концепт за бетонската батерија на полнење
Истражувачите измешале мали количини јаглеродни влакна со цементот, со цел да ја зголемат неговата спроводливост, а потоа во смесата вметнале мрежа од јаглеродни влакна покриена со два различни метала – железо за анодата и никел за катодата, исто како кај обичните батерии. Иновативниот материјал е детално прикажан на веб-страницата на Универзитетот Чалмерс.
Од практична гледна точка, бетонскиот акумулатор функционира како обична батерија, но во многу поголем размер. Според истражувачите, овој специјален цемент има енергетска густина, односно капацитет за складирање енергијата по единица маса, еднаква на 7 Wh за секој квадратен метар, што за волја на вистината е малку ако се спореди со можноста на понапредните литиум-јонски батерии кои можат да складираат до 265 Wh по килограм. Но, научниците се оптимисти и сметаат дека ќе можат да го зголемат капацитетот за складирање енергија на нивниот цемент за барем 10 пати.
Прототипот на бетонската батерија развиен од истражувачите
Идејата е сè уште далеку од тоа да добие практична или комерцијална реализација. Засега, истражувачите успеале да развијат само модели во размер кој одговара на нивната замисла. Но, откако оваа замисла ќе се развие, бетонот “на полнење” може да најде голем број примени. Првата, и најочигледна, ќе биде искористување на акумулираната електрична енергија, на пример, за напојување на LED системите за осветлување или за антените од телекомуникиските оператори кои на овој начин ќе можат поедноставно да ја градат нивната мрежа и да остварат поврзување со оддалечените области. Идеални придружници за овој нов материјал се фотонапонските панели, кои би можеле да се користат во текот на денот за полнење на батериите.