Од гледањето во оваа фотографија може да почувствувате вртоглавица. Оваа фотографија на неделата го доловува одеднаш целото ноќно небо – и на северната и на јужната хемисфера – во една волшебна слика, којашто е невозможно да ја искусите во реалниот живот.
За создавање на оваа слика, фотографите Петр Хорелек и Хуан Карлос Касадо, направиле две фотографии од две различни опсерватории лоцирани на истите географски широчини на северната и на јужната земјина полутопка. Горната половина од оваа фотомонтажа е направена од опсерваторијата Роке де лос Мучачос на Институтот за астрофизика на Канарските Острови, во Ла Палма, на географска широчина од 29 степени северно од екваторот, додека долната половина е фотографирана од опсерваторијата Ла Сила на ЕСО сместена во пустината Атакама во Чиле, 29 степени јужно од екваторот. Кога двете фотографии биле споени дигитално, се создал овој беспрекорен непречен поглед во бескрајот на ноќното небо.
Една од најзабележливите карактеристики на оваа слика е сенишниот бел сјај што зрачи вертикално од центарот. Овој сјај е всушност зодијакалната светлина, феномен предизвикан од космичката прашината во нашиот Сончев систем која ја прекршува и расејува сончевата светлина. Феноменот е видлив само во области со екстремно темно небо, ослободено од светлосно загадување. Фатена во во зракот зодијакална светлина, на северната хемисфера во полн сјај се прикажува планетата Венера.
На долната фотографија се видливи неколку од телескопите во Ла Сила, вклучувајќи го и еднометарскиот телескоп Шмит од ЕСО, видлив во преден план. Чинијата на радиотелескопот што се гледа превртена на горната слика е дел од телескопската мрежа Черенков (CTA), група радиотелескопи наменети за набљудување во гама-зрачното подрачје во коешто се случуваат едни од најенергичните феномени во универзумот. Наскоро во близина на опсерваторијата Паранал на ЕСО, ќе биде инсталирана и втора телескопска мрежа на јужната хемисфера, планирана во соработка меѓу двете опсерватории CTA и ЕСО.