Рубрика: Медицина
За ефикасноста на вакцините кај повозрасната популација - 9.10.2021
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 09.10.2021 - 16:15

На подолните дијаграми можеме да видиме како со текот на времето се менувало учеството на вакцинираните кај дијагностицираните и починатите (на првиот дијаграм), опфатот со вакцинација кај полнолетните и постарите од 60 години (на вториот дијаграм), ефективноста на вакцините против заразување и смртен исход (на третиот дијаграм) и промената на бројот на вакцинираните и невакцинираните во вкупната популација (на четвртиот дијаграм).

На првиот дијаграм забележуваме дека учеството на вакцинираните кај дијагностицираните и починатите расте со текот на времето, што е очекувано со оглед на порастот на опфатот со вакцинација. Првиот дијаграм самиот за себе не кажува многу, доколку се гледа независно од вториот дијаграм, за опфатот со вакцинација. Само анализирајќи ги броевите од двата дијаграми заедно, можеме да извлечеме заклучок за соодносите на инциденците на заболувањето и морталитетот кај вакцинираните и невакцинираните. Од таму потоа се пресметува намалувањето на ризикот под влијание на вакцинацијата, односно ефективноста на вакцините против заразување и смртен исход (на третиот дијаграм).

Во неделата од 1.10.2021 до 8.10.2021 инциденците на дијагностицирање кај вакцинираните и невакцинираните изнесувале 196, односно 236 дијагностицирани на милион жители дневно, што дава сооднос на ризици RR = 196/236 = 83%, односно приближна ефективност на вакцините (намалување на ризикот) против заразување VE = 1-RR = 100% - 83% = 17% (портокаловата линија на третиот дијаграм). Ова претставува намалување за 3 процентни поени во однос на претходната недела, со тенденција на понатамошен пад. Ова намалување на заштитата од заразување се случува поради распад на антителата кај вакцинираните со текот на времето и поизразено е кај вакцините кои создаваат понизок почетен титар на антитела по вакцинацијата (кинеските вакцини врз база на инактивиран вирус).

Што се однесува до смртноста кај постарите од 60 години (ќе сметаме дека најголемиот дел од починатите се од оваа возрасна група), морталитетите кај вакцинираните и невакцинираните изнесуваа 22 и 129 починати на милион дневно. Ова не е грешка, кај постарите морталитетите се навистина големи, особено кај невакцинираните. Соодносот на ризиците изнесува RR = 22/129 = 17%, односно ефективноста на вакцините (намалувањето на ризикот) против смртен исход кај постарите од 60 години изнесува приближно VE = 1-RR = 100% - 17% = 83% (виолетовата линија на третиот дијаграм). Сé уште добро се држи, иако забележуваме намалување за 1,5 процентен поен во однос на претходната недела. За два месеци ефективноста опаднала за околу 10 процентни поени, па доколку продолжи ова темпо, до пролетта може да се намали дури и под 70%, што е загрижувачки. Ова е точно во линија со моите пресметки во април и мај, базирани на распадот на антителата кај разни видови вакцини, според моделот на австралиските научници. Да се потсетиме, тогаш апелирав да не се купуваат кинеските вакцини од Синовак поради брзиот пад на нивната ефикасност со текот на времето.

Од овие пресметки не се гледа кај кои вакцини е најизразено намалувањето на оваа ефективност, но може да се претпостави дека е слично како и кај ефективноста против заразување, односно кај вакцините со инактивиран вирус има најголемо намалување на ефективноста. Ова го гледаме и во извештаите од српските болници, каде бројот на хоспитализирани, вакцинирани со вакцината од Синофарм, е непропорционално поголем во однос на вакцинираните со другите видови вакцини (т.е. споредено со бројот на вакцинирани со другите видови вакцини). Кај нас 60% од вакцинираните примиле вакцина базирана на инактивиран вирус (кинеските вакцини од Синофарм и Синовак), поради што е потребна ревакцинација со трета доза вакцина од Фајзер, особено на постарите од 60 години, согласно препораките на МЗ, по истекот на 6 месеци од втората доза.

За точна пресметка на ефективноста против смртен исход би биле потребни податоци за починатите и вакцинираните во старосни групи по декади. Ова од причина што морталитетот многу расте со возраста, а истовремено и опфатот со вакцинација расте со возраста, поради што не можат да се земат сите возрасни категории заедно, како кај дијагностицирањето. Тоа би довело до нереално намалување на ефективноста на вакцините, таканаречен Симпсонов парадокс. Со оваа пресметка, врз основа на расположливите податоци од ИЈЗ, успеваме приближно да ја определиме ефективноста против смртен исход само кај најстарата група, над 60 години.

Како и досега, сметаме дека вкупното население во државата изнесува 1,8 милион жители, што не мора да значи дека е точно, а влијае во голема мерка на пресметкте на ефективноста, особено против заразување.

Конечно, на четвртиот дијаграм гледаме како се менувал бројот на целосно вакцинираните и невакцинираните кај возрасната популација со текот на времето. Очигледно, сé уште невакцинираните претставуваат мнозинство, со тенденција наскоро да се изедначат со вакцинираните.

Клучни зборови: