Според податоците за бројот на починати од најновиот месечен билтен бр. 9/2021 на Државниот завод за статистика (тука), можеме да ја пресметаме најновата статистика за одвишната смртност (односно реалната смртност од ковид-19) од 1.4.2020 до 31.7.2021.
Очекуваната смртност во дадениот 16-месечен временски интервал, со земање предвид на месечната сезоналност, изнесува 26 114 починати (со интервал на доверба од 25 431 до 26 797, за ниво на доверба од 95%). Во истиот период, според извештаите на ДЗС починале 36 255 лица. Оттука се добива одвишната смртност од 10 141 лица (со 95% интервал на доверба од 9 458 до 10 824 лица). Одвишната смртност во најголем дел се должи на починатите од ковид (дијагностицирани и недијагностицирани), а помал дел на нелекуваните од други болести поради епидемијата (индиректни жртви на ковид-19).
Официјалниот број на починати во дадениот 16-месечен интервал заклучно со 31.7.2021 (таканаречената објаснета одвишна смртност) изнесува 5 482 лица. Оттука се добива дека одвишната смртност (официјално и неофицијално потврдена поради ковид-19) е поголема од официјалната за 85% (со 95% интервал на доверба од 72,5% до 97,4%), колку што изнесува необјаснетата одвишна смртност.
Пресметката можеме да ја прошириме и за периодот после 31.7.2021, до 29.9.2021. Применувајќи ги истите проценти на официјалниот број на починати од ковид-19 од почетокот на епидемијата до 29.9.2021, се добива дека одвишната смртност, односно вкупниот број на починати од ковид (официјално и неофицијално потврдени, заедно со индиректните жртви на ковид-19) изнесува околу 12 335 починати (со 95% интервал на доверба од 11 505 до 13 166 починати). Може да се каже дека досега од ковид-19 е изгубено население колку еден град со големина помеѓу Виница и Неготино!
Сметајќи со неофицијалниот број на жители во државата од 1,8 милиони, можеме да го пресметаме одвишниот морталитет на 100 000 жители, којшто изнесува околу 685 починати на 100 000 жители (со 95% интервал на доверба од 639 до 731 починати на 100 000 жители). Со толку висок одвишен морталитет Македонија избива на прво место во светот, дури и пред Перу со 593 починати на 100 000 жители, заклучно со 5.9.2021 година (извор: магазинот Икономист, види тука). Тука имаме предвид дека Перу веќе излегол од зимата и дека повеќе речиси немаат смртност од ковид-19, додека броевите за Македонија не се ажурирани уште од 30.6.2021 година. Но, дури и со официјалниот број на жители од 2,08 милиони, според пописот од 2002 година, македонскиот одвишен морталитет изнесува 593 починати на 100 000 жители – точно колку што изнесува во Перу.
Одвишниот морталитет според многумина се смета за најреалниот показател за смртноста од ковид-19, затоа што ги зема предвид и смртните случаи коишто не биле официјално потврдени со ПЦР тестирања.