Рубрика: Воена техника
Oружје што со звук ги замолчува непријателите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 30.09.2021 - 14:00

Развиено во Соединетите американски држави, ова не-смртоносно оружје го оневозможува разговорот и ги збунува непријателите, благодарение на вешто користење на ехото.

Оние што често користат Zoom, Google meet и други разни платформи за видеоконференции веќе се добро запознаени со следново: додека зборувате мора да го слушате ехото од сопствениот глас во слушалките, што знае навистина да иритира, честопати до тој степен што оневозможува продолжување на состанокот. Проблемот вообичаено се решава со “замолчување” (mute) на микрофоните од сите учесници во состанокот, освен, очигледно, на тој од говорникот.

Имајќи ја на ум оваа појава, експертите од американската морнарица развија не-смртоносно оружје способно да го оневозможи кој било да разговара. Идејата е дека откако ќе биде оневозможена комуникацијата помеѓу колегите војници, противничките трупи ќе можат лесно да се совладаат. Новиот систем, наречен “рачно акустично обраќање и нарушување” или во оригинал Handheld Acoustic Hailing and Disruption – AHAD, се состои од микрофон со висока чувствителност и моќен систем од насочени звучници. Фатениот говор се снима и потоа засилен се пушта преку звучникот како два различни звука – едниот речиси истовремено со оригиналниот говор, додека вториот со мало задоцнување. Накратко кажано се создава вештачко ехо, коешто ја менува перцепцијата за сопствениот глас кај говорникот и го збунува, што многу ја отежнува комуникацијата, како личната така и онаа што се одвива преку радиоуредите.

Оружјето го користи принципот на одложена аудитивна повратна информација, или DAF, технологија која веќе подолго време се користи при третманот за пелтечење. Имено, кај пациентите кои страдаат од ова нарушување, воведувањето на ехо од сопствениот глас се чини дека го намалува, па дури и го елиминира проблемот. Кај сите други, ефектот ни е веќе многу добро познат, барем по изминатата година помината со изобилство од видеоконференциска комуникација. Сепак, постојат поединци кои се целосно имуни на звучното оружје: тоа се оние луѓе кои честопати зборуваат јавно и кои успеваат на некој начин да се изолираат од она што се случува околу нив, без да ја изгубат нишката на разговорот.

Според невролозите, слушањето на одложеното ехо на нечиј глас додека зборува, го поткопува системот за контрола на вокализацијата: некои луѓе почнуваат да пелтечат, други престануваат да зборуваат, трети веќе не се способни да формираат целосни реченици. Среде битка, кога вештините за комуникација меѓу војниците се критични, ефектите од ова ново оружје би можеле да бидат, во најмала рака, интересни.

Клучни зборови: