Рубрика: Информатика
Whatsapp: колку приватните пораки остануваат приватни?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 30.09.2021 - 13:00

Иако новата функционалност ветува подобрување на приватноста на Whatsapp,  досегашната работа на истражните органи ширум светот ја става под знак прашалник вистинската доверливост на апликацијата.

Односот помеѓу Фејсбук и приватноста продолжува да биде збунувачки. Речиси истовремено со најавата на компанијата за соработка со Luxottica и презентацијата на првите Ray-Ban наочари со можност за снимање и споделување во живо на она што го гледаме, самиот Закерберг објави за големо подобрување во безбедноста на Whatsapp.

Платформата за размена на пораки, која Фејсбук ја купи во 2014 година за 19 милијарди долари, веќе нуди end-to-end шифрирање при размената на пораки. Ова значи дека дури и ако напаѓачот успее да го пресретне разговорот помеѓу две лица, тој сепак нема да може да ја дешифрира содржината на пораките, кои системот за шифрирање со двоен клуч ги прави нечитливи.

Сепак, практиката покажа дека системот досега не беше целосно безбеден – метаподатоците поврзани со пораките, на пример, како времето на испраќање или на отворање на пораката, не беа шифрирани, ниту пак резервната копија зачувана во облакот, која беше оставана читлива, заштитена само со личната лозинка на корисникот, неговата лозинка на сметката на Apple или на Google, на пример. Оваа ранливост, како што неодамна објави TechCrunch, веќе била повеќепати искористена од службите за спроведување на законот за да обезбедат пристап до пораките и разговорите на лицата кои се под истрага.

Како што открива Фејсбук, новиот систем за безбедно складирање би требало да го оневозможи пристапот до резервните копии. Имено, пред тие да бидат зачувани на Google Drive или Apple iCloud, пораките ќе бидат шифрирани со клуч за шифрирање генериран од Whatsapp и дополнително ќе бидат заштитени со лозинка избрана од корисникот. Новите шифрирани резервни копии ќе се запишуваат врз сите заостанати стари и читливи пораки. Потегот на компанијата се чини диктиран од обидот да се запре одливањето на корисниците од Whatsapp што се случи неколку месеци  по ажурирањето на условите на услугата, со коишто сервисот сега споделуваше многу повеќе информации со Фејсбук отколку порано.

Вистинската приватност на пораките на Whatsapp неодамна беше ставена “на тапет”  и со написот во ProPublica во којшто се обработува противречноста помеѓу реченицата “End-to-end шифрирањето гарантира дека само вие и лицето со кое комуницирате може да ги прочита или да го слушне она што се испраќа, и никој друг, дури ни WhatsApp“ со која се рекламира услугата за пораки, и работата на повеќе од 1 000 службеници кои во канцелариите во Тексас, Даблин и во Сингапур ја читаат содржината на пораките означени како сомнителни од страна на специјалниот софтвер создаден од Фејсбук. Во истиот текст ProPublica, ја истакнува очигледната улога на Whatsapp во истрагата за вработен во американската Сојузна влада, кој бил осомничен дека издавал доверливи информации до американскиот печат. Целиот напис од ProPublica може да го најдете тука

Клучни зборови: